[ВИДЕО] СДСМ: Кочоска да си даде оставка - „Вчера бевме сведоци на нешто срамно, министерка која понижува граѓанка на оваа држава, не заслужува да води министерство“

Макфакс

28/02/2025

12:56

904

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата, на денешената прес-конференција пред Министерството за финансии, побараа оставка од министреката за финасии после вчерашните дискриминаторски навреди упатени кон пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.

На прес-конференцијата, пратеничката Јована Тренчевска, нагласи дека министерка која понижува граѓанки не заслужува да води министерство.

„Министерка која понижува граѓанка на оваа држава, која навредува пратеничка, која шири дискриминација, не заслужува да води министерство, не заслужува да седи во влада која тврди дека работи за сите граѓани. Затоа, денес сме тука, гласно и јасно да побараме – Гордана Кочоска мора да си поднесе оставка. Оставка ќе бараме секој ден додека не си оди од функцијата. Само така може да ги заштитиме граѓаните од идна дискриминација“, рече Тренчевска.

При тоа посочи дека оваа осуда не смее да трае само еден ден, туку тоа ова мора да биде пресвртница во борбата за достоинство и еднаквост.

„Вчера бевме сведоци на нешто срамно, нешто што не смее да помине како „обична политичка дебата“. Министерката за финансии, Гордана Кочоска, упати навреда која погодува длабоко – не само кон пратеничката Славјанка Петровска, туку кон секоја жена, секој човек кој некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден. Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас. Тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност“, нагласи Тренчевска.

Покрај барањето за оставка од министерката за финасии, СДСМ ќе понуди решенија за осуда на говорот на омраза и дискриминација во инсттуциите.

„Ќе побараме итна седница на Комисијата за дискриминација, каде ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и поширокиот проблем на дискриминација врз основа на пол во институциите. Ќе иницираме законски измени или кодекс кој ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено кога доаѓаат од високи функционери. Ова не е политичка пресметка. Ова не е само за Славјанка. Ова е борба за вредности. Ова е порака дека нема да дозволиме омаловажувањето да стане новото нормално со ВМРО-ДПМНЕ на власт“, рече Тренчевска.