Американската кантри легенда Џони Кеш е роден на денешен ден во 1932 година, а неговата љубовна приказна е исто толку интересна како и неговото богато музичко наследство,
Иако Кеш почина во 2003 година поради компликации предизвикани од дијабетес, многумина веруваат дека познатиот „човек во црно“, како што го нарекуваа, всушност починал од скршено срце. Само четири месеци пред неговата смрт, по операција на срцето, почина љубовта на неговиот живот – Џун Картер, со која беше во брак 35 години.
„Еден ден ќе се оженам со тебе“, ѝ рекол на Картер при нивната прва средба, иако тогаш дома го чекала неговата прва сопруга Вивијан Либерто, со која имал четири ќерки. Нивниот брак траел седум години, до 1961 година. Се венчале веднаш по неговото излегување од војска и заедно ги добиле ќерките Розан, Кети, Синди и Тара. Во тоа време, Џун Картер била во втор брак. Со првиот сопруг, Карл Смит, и со вториот, Едвин Ли Никс, имала по една ќерка.
„Се чувствував како да сум паднала во оган и како да горев жива. Почнав да се заљубувам во Џони Кеш, а тоа беше најболното искуство во мојот живот. Како да сум во огнен круг од кој никогаш нема да излезам. Ќе ме убие, затоа што никогаш немав храброст да му кажам, ниту сакав некој да знае дека имам такви чувства“, раскажала еднаш Џун Картер за својата љубов кон Кеш.
Токму овој силен внатрешен конфликт ѝ послужил како инспирација за да ја напише песната „Ring of Fire“. Првично, песната ја испеала нејзината сестра Анита, но станала хит дури откако Џони Кеш ја преработил, додал трубачи и ја снимил својата верзија. За Картер, заљубувањето во оженет маж било смртен грев. Додека ги пишувала стиховите за „Ring of Fire“, во нејзиниот ум биле пламените јазици на пеколот, бидејќи верувала дека ќе изгори во него поради забранетата љубов. Оваа песна беше прва во низата нивни заеднички хитови. Потиснатите чувства најмногу излегувале на површина кога настапувале заедно. Хемијата меѓу нив била неоспорна, а заедничките настапи започнале во раните 60-ти години. Така сè повеќе се зближувале, но и се оддалечувале од своите сопружници.
„Џун ја напиша ‘Ring of Fire’ за мене и токму таква беше нашата афера. Бевме лудо вљубени и цело време работевме заедно. А кога турнејата ќе завршеше, моравме да се вратиме дома кај нашите семејства. Тоа беше болно“, искрено признал Кеш.
Во 1966 година, Кеш се развел од својата сопруга, а Картер поднела барање за развод од својот втор сопруг. Но, не било сè така бајковито – Кеш бил зависник од таблети, дрога и алкохол. Неколку пати ја побарал Картер за жена, но таа му рекла дека нема да се омажи за него сè додека не се ослободи од зависностите. Тогаш ѝ ветил дека ќе стори сè за да ја освои.
По цели 13 години од нивната прва средба, во февруари 1968 година, Кеш ја побарал Картер за жена – на сцена, за време на нивен заеднички настап во Онтарио. Додека го пееле хитот „Jackson“, тој ненадејно застанал, ја запрел музиката и ја прашал дали ќе се омажи за него. Таа се обидела да го убеди да продолжат да пеат. „Нема да продолжам да пеам додека не ми одговориш“, ѝ рекол тогаш. Картер погледнала кон бендот, надевајќи се дека тие ќе продолжат да свират, но кога видела дека никој нема намера да продолжи без нејзиниот одговор, рекла „да“.
Се венчале на 1 март 1968 година, а две години подоцна го добиле синот Џон Картер Кеш.
„Таа е највеличествената жена што сум ја запознал. Никој, освен можеби мојата мајка, не може да ѝ се приближи“, напишал Кеш во својата автобиографија за љубовта на неговиот живот.
Најдобриот опис на нивната врска сепак го дала мајката на Картер: „Тие секогаш беа фокусирани еден на друг. Беа вистинска двојка, посветени и верни еден на друг“.
Две години пред да се венчаат, Кеш купил куќа покрај езеро во Нешвил. Кога Картер се вселила во неа, од неа направила семеен дом. Го носеле синот со себе на сите патувања. Настапувале заедно до крајот на својот живот, со истата хемија на сцената. Кеш секогаш ја најавувал Картер како „неговата дама“.
Кеш цел живот се борел со зависноста. Иако Картер многу страдала поради тоа, никогаш не го напуштила. Нивниот брак често се споменувал како пример за љубов што никогаш не згаснува. Психолозите истакнувале дека начинот на кој се однесувале еден кон друг е рецепт за страствена врска што трае засекогаш.
Картер била негова најголема поддршка и добро ја познавала неговата мрачна страна. Го охрабрувала да се соочи со своите демони. Кога нивниот брак бил во криза, наместо да се откажат еден од друг, тие ги обновувале своите брачни завети.
„Отсекогаш уживав што сум дел од неговиот живот. Секогаш го сакав и тој секогаш ме сакаше мене“, изјавила Картер една година пред нејзината смрт.
Во 1994 година, на нејзиниот 65. роденден, Кеш ѝ напишал: „Стареевме заедно и се навикнавме еден на друг. Размислуваме исто. Читаме мисли еден на друг. Знаеме што сака другиот без да прашаме. Но, понекогаш, баш како денес, размислувам за сè и сфаќам колку сум среќен што го делам животот со најдобрата жена што сум ја сретнал. Те сакам многу. Среќен роденден, принцезо! Џон“.
Во 2005 година, нивната љубовна приказна беше овековечена во филмот „Движење по работ“ („Walk the Line“), каде што Кеш го играше Хоакин Феникс, а Картер ја толкуваше Рис Витерспун, која за улогата доби Оскар.
Картер почина во мај 2003 година, а Кеш ја надживеа само неколку месеци, починувајќи во септември истата година.