Позната спортистка позитивна на допинг: „Сè е поради интимни односи на денот на тестирањето, невина сум!“

Точка

27/02/2025

15:14

1.901

Големина на фонт

а а а

Познатата швајцарска биатлонка Имоген Симондс паднала на допинг тестот што бил спроведен на 8 декември, пред Светското првенство "Ironman 70.3", кое се одржа во Нов Зеланд.

Тестот покажал позитивен резултат, но таа тврди дека никогаш не консумирала ништо забрането и дека е шокирана од резултатот, бидејќи во нејзиниот организам бил пронајден метаболит на лигандрол.

На својот "Instagram" профил, Симондс им се обрати на своите следбеници со долга објава, во која истакна дека немала никаква претстава за супстанцата на која паднала, а количината пронајдена во нејзиното тело била еквивалентна на прстофат сол во олимписки базен – што, според неа, не би ѝ дало никаква предност во настапите.


Во своето соопштение, таа откри дека нејзиниот партнер користел лигандрол за да го подобри својот физички изглед токму во периодот кога таа била тестирана. Според нејзините тврдења, супстанцата се пренела во нејзиниот организам преку интимните односи што ги имале еден ден пред тестирањето, како и на самиот ден на тестот.

Целосното соопштение на Имоген Симондс:

"На 8 декември 2024 година, бев подложена на случаен допинг тест надвор од натпреварувањето, во пресрет на Светското првенство "IRONMAN 70.3" во Таупо, Нов Зеланд. Бев шокирана и скршена кога дознав дека тестот покажал позитивен резултат на метаболит на лигандрол, и тоа во пико-грамски количини (количина еквивалентна на прстофат сол во олимписки базен, што нема никакво влијание врз моите перформанси). Немав поим што е оваа супстанца или како можела да заврши во мојот организам.

Откако ја добив веста, веднаш ангажирав искусни правни советници. По детално истражување и анализа, откривме дека мојот долгогодишен партнер, без мое знаење, користел лигандрол за да го подобри својот физички изглед токму во периодот кога се вршеше тестирањето.

Според инструкциите на мојот правен тим, веднаш направивме анализа на влакна од косата. Резултатите покажаа дека никогаш не сум земала лигандрол намерно (мојот тест на влакната беше негативен), додека тестот на мојот партнер беше позитивен за периодот кога ја консумирал супстанцата.

Врз основа на сите факти, мојот правен тим и јас заклучивме дека супстанцата влегла во моето тело преку пренос на телесни течности за време на интимните односи, кои ги имавме ден пред тестирањето и на самиот ден на тестот.

Ангажиравме еден од водечките светски експерти за да ја докажеме мојата невиност. Нашите докази ќе бидат презентирани пред "IRONMAN" и "ITA", во согласност со нивните процедури и рокови.


Со години сум редовно тестирана, како на натпревари, така и надвор од нив, и сите мои претходни тестови биле негативни. Оваа ситуација за мене е вистински кошмар, нешто што никогаш не можев ни да замислам дека ќе ми се случи. Ги почитувам антидопинг правилата и цврсто верувам во чист спорт, затоа ми е многу тешко што моето име сега е поврзано со забранета супстанца.

Иако не сум првата спортистка што ѝ се случило ова, веројатно нема да бидам ни последна. Се надевам дека мојата приказна ќе помогне во подигнување на свеста за овој тип на контаминација, за да спречи други спортисти да поминат низ истиот мрак низ кој јас сега поминувам.

Ве молам да ми дадете мир и простор, додека поминувам низ правниот процес и ја докажувам својата невиност, во која сум целосно сигурна", се вели во соопштението.

Со ова, швајцарската спортистка ја заврши својата изјава, но допрва останува да се види како ќе одлучат релевантните спортски институции.