Крис Јубанк Џуниор и Конор Бен требаше да се борат во 2022 година, но тогаш мечот беше откажан поради позитивен допинг тест на Бен.
Големите ривалства се составен дел од боксот, но ретко кое оди толку длабоко како она помеѓу Крис Јубанк Џуниор и Конор Бен. Нивните татковци, Крис Јубанк и Најџел Бен, некогаш беа големи ривали во рингот, а сега нивните синови ја продолжуваат истата традиција.
Во октомври 2022 година, Јубанк и Бен требаше да одржат меч, но Бен падна на допинг тест што го спроведе Британскиот боксерски одбор. Поради тоа, борбата беше откажана, но конечно двајцата ќе се соочат на 26 април, на големиот настан што ќе се одржи на стадионот на Тотенхем.
Јајце во лице – Прес-конференцијата се претвори во хаос
Колку овој дуел е полн со тензија, покажа и прес-конференцијата што ја одржаа. Јубанк и Бен долго се гледаа еден со друг, разменија неколку зборови, а потоа настана вистински хаос.
Јубанк држеше јајце во рака и го скрши врз главата на Бен. Веднаш потоа настана метеж, а членови на обезбедувањето мораа да ги раздвојат двајцата боксери.
Но, постапката на Јубанк не беше случајна – напротив, имаше јасна симболика.
Контроверзијата со јајцата и допингот
Во 2022 година, откако Бен падна на допинг тест, "WBC" спроведе истрага и утврди дека присуството на кломифен во неговото тело било резултат на прекумерна консумација на јајца.
Кломифенот понекогаш се користи за зголемување на плодноста кај животните, а "WBC" заклучи дека јајцата што ги консумирал биле контаминирани. Јубанк не го заборави ова, па токму затоа реши да го понижи Бен, кршејќиму јајце во лице пред сите.
Борбата во опасност – Реакции од промоторите
По овој неочекуван инцидент, реагираше и промоторот на Бен, Еди Херн.
„Ова е премногу! Доколку најмало парче од лушпата му заврши во окото, борбата може да биде откажана. Јас еднаш имав две мали гребнатини на очната јаболка, и окото никогаш не ми заздрави целосно. Дури и мало парче од лушпа на јајце може да предизвика сериозна непријатност“, изјави поранешниот боксер Тони Белју.
Поради целиот хаос, одложено е и официјалното соочување на двајцата борци, а ако ситуацијата дополнително се искомплицира, можно е борбата целосно да пропадне.
Доколку тоа се случи, ова ќе биде само уште еден бизарен момент во приказната што ја следи оваа борба уште од самиот почеток.