Тиаго Мота го доживеа најболниот пораз како тренер на Јувентус и јасно е дека елиминацијата од Емполи ќе го прогонува до крајот на сезоната, исход кој не го очекуваат ниту најпесимистичките фанови во Торино.
Тренерот кој воодушеви со стилот кој го наметна во Болоња, оваа сезона се мачи да направи некоја посериозна разлика во Јувентус, а бидејќи до овој момент воопшто не ги исполнува очекувањата, се почести се и критиките кои ги добива во јавноста.
Легендарниот Марчело Липи признава дека очекувал многу повеќе од Мота како тренер на Јуве, но во разговорот за „Газета дело Спорт“, го посочи и најдобриот италијански тренер во последните 20 години.
– Ќе бидам искрен и ќе кажам дека очекував многу повеќе од Мота. Кога го велам ова, мислам на карактерот кој треба да го изгради во тимот. Ова не е пресудна критика за него, знам дека работи напорно и дека е одличен тренер. Сепак, клупата на Јуве и дресот на Јуве тежи многу повеќе од водење на други клубови, – вели Липи, кој нема сомнеж кој е број еден меѓу тренерите во Серија А.
– Број еден? Карло Анчелоти, без никаква дилема. Тој е најдобриот италијански тренер во последните 20 години. Ако треба да се препознаам себеси во еден тренер од денешницата, тоа е Алегри. Макс е тренерот кој најмногу потсетува на мене, – потенцира Липи.