Научниците открија огромна депонија во најдлабоката точка на Средоземното море

Точка

12/02/2025

20:07

869

Големина на фонт

а а а

Научниците открија голема депонија во најдлабоката точка на Средоземното Море, на длабочина од дури пет километри, објавија денеска грчките медиуми.

Тим експерти пронашле пластични шишиња и чаши, лименки и друг отпад на морското дно, што, како што кажаа, укажува дека последиците од штетното однесување на луѓето допираат и до најоддалечените точки на нашата планета, пренесе Катимерини.


Најдлабокиот дел од Медитеранот се наоѓа југозападно од Пелопонез и е долг 18 километри, а широк од четири до седум километри.

Во февруари 2020 година, подморницата Каладан, управувана од Виктор Весково, додека еден од патниците беше принцот Алберт од Монако, нурна во овој дел од Медитеранот, до кој патуваше околу пет часа.

Весково снимките кои ги направил таму ги предал на меѓународен тим на научници предводен од Германецот Георг Ханке од Европскиот истражувачки центар.

Тимот, чиј член беше и грчкиот професор од Универзитетот во Патрас, Јоргос Папатеодору, ја анализираа видеоснимката со посебен софтвер и го утврдија составот на отпадот пронајден на морското дно.

„Ова е втор најголем слој отпад што некогаш е пронајден на таква длабочина (повеќе од 2 километри)“, истакна Папатеодору, притоа нагласувајќи дека ова е првпат да се собираат податоци за цврстиот отпад кој го загадува Средоземното Море.

Според него, резултатите се поразителни, а концентрацијата на отпад е меѓу највисоките досега забележани под морето.

Анализите утврдиле дека концентрацијата изнесува 26.175 парчиња отпад на квадратен километар.

Инаку, најгустата концентрација на подморски отпад во светот досега е регистрирана во Јужното Кинеско Море и изнесува 55.000 парчиња отпад на квадратен километар.


Истовремено, утврдено е дека дури 88 отсто од отпадот е пластика, додека останатиот дел се лименки од пијалаци, стаклени шишиња или хартиени кутии и кеси.

Според грчкиот научник, тоа е лесен отпад којшто морските струи брзо го носат, на пример од север, од Јонското или Јадранското Море или од југот од источниот Медитеран.

Еден дел од отпадот укажува на тоа дека бил фрлен директно од некој брод.

Научните податоци се алармантни и покажуваат дека океаните се загадени со 5,25 трилиони парчиња пластика, од кои само 269.000 тони пловат на површината, додека на секој квадратен километар од морското дно има четири милијарди микровлакна.

Кара Лавендер Ло, истражувач во Националниот океанографски центар „Woods Hall“ во Масачусетс, рече дека првиот чекор е пронаоѓањето на отпадот.


Научната заедница се обидува подобро да разбере каде и колку отпад се таложи на морското и океанското дно со цел да се процени штетата која истиот им ја предизвикува на локалните екосистеми.

Клучно прашање за научниците е дали и колку токсини се ослободуваат во водата со распаѓање на пластиката на морското дно.

Додека научниците знаат многу за штетата која големите парчиња пластика ја предизвикуваат на морскиот свет, последиците од микропластиката се помалку јасни, пренесе „Катимерини“.

„Колку е поголема концентрацијата, толку е поголем ризикот од штетни последици“, изјави Ричард Томпсон, биолог од Универзитетот во Плимут, и додаде дека за да се процени вистинската штета, најпрво е потребно да се лоцираат депониите на морското дно.