Загадувањето на воздухот ја намалува способноста на луѓето да се фокусираат на секојдневните задачи, покажа истражувањето.
Загадувањето на воздухот, или поточно, дури и краткотрајното изложување на штетните честички, го намалува селективното внимание и препознавањето на емоциите.
Способноста на човекот да се фокусира на секојдневните задачи е под влијание на краткотрајната изложеноста на загадениот воздух, покажа истражувањето, пишува „The Guardian“.
Како загадувањето на воздухот влијае врз намалувањето на вниманието и препознавањето на емоциите
Истражувачите ги анализирале податоците од когнитивните тестови кои 26-те учесници ги решиле пред и откако биле изложени на високи нивоа на честички (PM) користејќи чад од свеќа или чист воздух, еден час.
Студијата, објавена во списанието „Nature Communications“, покажа дека дури и краткотрајната изложеност на високи концентрации на ПМ честички влијае на селективното внимание и препознавањето на емоциите кај учесниците – без разлика дали дишеле нормално или само преку устата. Ова може да влијае на способноста на поединецот да се концентрира на задачите, да избегнува одвлекување на вниманието и да се однесува на општествено прифатлив начин.
„Учесниците кои беа изложени на загаден воздух не покажаа добри резултати кога станува збор за вниманието“, рече д-р Томас Фахерти од Универзитетот во Бирмингем, еден од авторите на истражувањето.
Тој додаде дека тоа значи дека во секојдневниот живот можеби сте расеани. Купувањето во супермаркет е добар пример … Тоа може да значи дека ќе бидете повеќе склони кон импулсивни купувања додека шетате низ продавницата, бидејќи не можете да се фокусирате на вашите цели.
Студијата, исто така, покажа дека учесниците оствариле полоши резултати на когнитивните тестови кои го проценувале препознавањето на емоциите по изложеноста на ПМ честичките.
„Тие беа полоши во препознавањето дали лицето е исплашено или среќно, а тоа може да има последици врз тоа како се однесуваме со другите луѓе“, рече Фахерти.
Тој, исто така, рече дека постојат поврзани студии кои го проучувале краткорочното загадување на воздухот и инцидентите, како што е насилниот криминал, особено во американските градови.
Меѓутоа ова неодамнешно истражување покажа дека работната меморија на учесниците не била засегната, што сугерира дека некои функции на мозокот се поотпорни на краткорочна изложеност на загадувањето од другите.
Загадувањето на воздухот е еден од најголемите ризик фактори за јавното здравје во светот. Светската здравствена организација проценува дека на годишно ниво загадувањето на воздухот предизвикува околу 4,2 милиони предвремени смртни случаи ширум светот.
Истражувачите велат дека наодите од студијата би можеле да имаат значителни социјални и економски последици, вклучително и ефекти врз образованието и продуктивноста на работа.
„Студијата беше спроведена врз клинички здрава возрасна популација, што значи дека учесниците беа во добра здравствена состојба и немаа клинички респираторни или невролошки проблеми… одредени други групи би можеле да бидат поподложни на ефектите“, рече Фахерти.
Како што додаде, „сите стануваме попаметни како што одминува времето, бидејќи ги елиминиравме работите кои нè убиваат, а имаме и многу подобра исхрана отколку што имавме пред 20 години“.
„Сега мислите дека работите како загадувањето на воздухот се поважен фактор кој влијае на когнитивната благосостојба или коефициентот на интелигенција … бидејќи сите други фактори се веќе елиминирани“, рече тој.
Истражувањето е дел од поголем проект кој ќе го тестира влијанието на различни извори на загадувањето, а истражувачите се надеваат дека тоа ќе помогне во обликувањето на идните политики и мерки за јавно здравје.
„Поголемиот проект ги проучува различните извори на загадување кои се почести. Како што се емисиите од уредите за готвење, согорувањето на дрва, издувните гасови од автомобилите и производите за чистење, за да се утврди дали можеме да ја насочиме политиката во одредена насока“, рече Фахерти.
Тој, исто така, кажа „дека ако знаеме дека средствата за чистење ги предизвикуваат повеќето проблеми кои ги опишувам, тогаш можеме да влијаеме врз политиката, да ги поправиме работите кои се погрешни врз основа на изворот, наместо само да го мериме она што се наоѓа во воздухот откако ќе се случи“.