Шок! Откажана најпопуларната фудбалска игра во светот, навивачите бесни

Точка

07/02/2025

22:25

1.066

Големина на фонт

а а а

Речиси и нема фудбалски љубител, или воопшто љубител на спортот, кој не ја играл познатата игра „Football Manager“. Повеќе од две децении, оваа игра се издаваше секоја година, додека програмерите не одлучија едноставно да не ја издаваат за сезоната 2024/2025, што ги налути фановите.

Оваа игра традиционално се пушташе секоја година во ноември, веднаш штом заврши преодниот рок, додека тие решија првично да го одложат објавувањето од ноември за март, бидејќи не беа сигурни дека ќе можат да го изградат и променат „моторот“ онака како што сакаат.

Фановите чекаа, а потоа на 7-ми февруари добија екстремно студен туш, бидејќи беше решено целосно да се откаже објавувањето на оваа игра за 2025 година.


Соопштението го објавуваме во целост:

„Sports Interactive со жалење објавува дека, по опсежни внатрешни дискусии и внимателно разгледување со "SEGA", донесовме тешка одлука да го откажеме "Football Manager 25" и да го префрлиме нашиот фокус на следното издание. На многумина од вас кои однапред нарачаа "FM25", голема благодарност за довербата и поддршката – многу ни е жал што ве разочаравме.

Знаеме дека ова ќе биде огромно разочарување, особено ако се земе предвид дека датумот на објавување е веќе двапати одложуван и со нетрпение го чекавте првото откривање на играта. Можеме само да се извиниме за времето кое ни беше потребно да ја соопштиме оваа одлука. Поради усогласеноста со партнерите, вклучувајќи ги правните и финансиските регулативи, денешниот датум беше најрано што можевме да ја објавиме оваа изјава.


Отсекогаш сме се гордееле што доставуваме игри кои нудат најдобра вредност за парите, ви носат безброј часови уживање и го прават секој момент и секоја потрошена пара исплатливи. Со лансирањето на "FM25", тргнавме да го создадеме најголемиот технички и визуелен напредок во серијата во последните неколку генерации, поставувајќи ги темелите за нова ера.

Поради различните предизвици за кои досега бевме отворени, како и многу непредвидени моменти, не успеавме да го постигнеме она што го посакувавме во доволен број сегменти од играта во моментов и покрај неверојатните напори на нашиот тим. Секоја одлука за одложување на објавувањето беше донесена со цел играта да се приближи до посакуваното ниво што е можно повеќе, но како што се приближувавме до клучните пресвртници на почетокот на годината, стана јасно дека нема да можеме да ги достигнеме бараните стандарди, дури и со приспособена временска рамка.


Иако многу аспекти од играта ги исполнија нашите цели, целокупното гејмерско искуство и корисничкиот интерфејс не се на нивото на кое треба да бидат. Како што покажа деталната евалуација, вклучително и тестирањето на играчите, имаме јасна потврда дека новата насока на играта е правилна и дека сме блиску – сепак, сè уште сме премногу далеку од стандардите што ги заслужувате.

"Можевме да продолжиме, да го пуштиме "FM25" во сегашната состојба и да ги поправиме работите подоцна – но тоа немаше да биде правилно. Исто така, не сакавме да одиме подалеку од март како датум за издавање, бидејќи ќе биде предоцна во фудбалската сезона да се очекува играчите да купат уште една игра.

По оваа одлука, сега сите напори се насочени кон тоа нашето следно издание да ја достигне посакуваната цел и да го исполни нивото на квалитет што сите го очекуваме. Ќе ве информираме за напредокот штом ќе можеме. Ви благодариме што ја прочитавте оваа порака, за вашето трпение и постојана поддршка. Нашиот целосен фокус сега се враќа на создавање нова ера за Football Manager".