Колкава е опасноста од астероидот 2024 YR4 и што би се случило доколку ја погоди Земјата?

Точка

03/02/2025

18:32

2.030

Големина на фонт

а а а

На 27 декември 2024 година со телескопот ATLAS во Рио Хуртадо, Чиле, беше откриен Астероидот 2024 YR4. Набрзо по откривањето, автоматските системи за предупредување на астероиди пресметале дека постои можност, иако мала овој објект да удри во Земјата на 22 декември 2032 година.

Проценките сугерираат дека астероидот има дијаметар меѓу 40 и 100 метри. Астероиди на оваа големина удираат во Земјата во просек на секои неколку илјади години и можат да предизвикаат сериозна штета на локално ниво.

Поради тоа, астероидот 2024 YR4 се најде на врвот на листата на ризични астероиди, пренесува Дојче веле. Од почетокот на јануари, астрономите ширум светот го набљудуваат со помош на телескопи за попрецизно да ја утврдат неговата големина и движење.

Според моменталните пресметки на неговата орбита, можно е овој небесен објект на 22 декември 2032 година да и се приближи на Земјата на само околу 2000 километри.


Според податоци на Европската вселенска агенција (ESA) од 29 јануари 2025 година, веројатноста дека 2024 YR4 ќе удри во Земјата е 1,2 проценти.

Астероидот 2024 YR4 моментално се наоѓа на ниво 3 на Торинската скала за опасност од удар, што значи дека претставува блиска средба која бара внимание од астрономите и од јавноста.

Важно е да се напомене дека проценетата веројатност за удар на астероидот често се зголемува на почетокот, а потоа брзо паѓа на нула по дополнителни набљудувања.

Проценките покажуваат дека астероидот 2024 YR4 најверојатно е поголем од 50 метри и има веројатност за удар поголема од 1 отсто во следните 50 години. Со тоа ги исполнува сите критериуми за активирање на две меѓународно признати групи за реакција на астероиди: Меѓународната мрежа за предупредување на астероиди (IAWN) и Советодавната група за планирање вселенски мисии (SMPAG).


Ако астероидот 2024 YR4 навистина удри во Земјата, последиците би зависеле од неговиот состав. Ако се работи за астероид во чиј состав влегуваат камења и прашина, би дошло до експлозија во атмосферата на голема висина, таканаречена воздушна експлозија. Таков настан би предизвикал силен ударен бран и екстремна топлина која би ја погодила Земјата, слично на експлозијата од 1908 година над реката Тунгуска во Сибир, кога повеќе од 2.000 квадратни километри шума беа изгорени и срамнети со земјата.


Ако астероидот е цврста карпа или дури метален објект, би можел да создаде кратер со дијаметар до еден километар. Сличен настан се случил пред околу 50.000 години, кога астероид удрил во денешната Аризона, САД, создавајќи го познатиот Барингеров кратер. Ударната експлозија би предизвикала уништување во радиус од околу 50 километри. Таков настан би бил по сила сличен на експлозијата на исклучително силна хидрогенска бомба, но без радиоактивно зрачење. Меѓутоа, шансите за вакво катастрофално сценарио се многу ниски.