Светот се соочува со најбрзиот пораст на нивото на морето во последните четири милениуми, предупредуваат истражувачите од магазинот „Nature“.
Климатските промени и човековата активност предизвикуваат рекордно забрзување на топење на мразот и ширење на океаните, а последиците би можеле да бидат катастрофални.
Научниците од Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси анализирале геолошки записи, корални гребени и друго и заклучиле дека од 1900 година нивото на морето се зголемува за 1,5 милиметри годишно – побрзо од кога и да е во поновата историја.
Главните причини за тоа се термалната експанзија (ширење на топлите океани) и топење на глечерите и ледените покривки, особено на Гренланд и половите.
Градови во опасност: Кина тоне, а нивото на морето се зголемува
Кина е особено загрозена, нејзините најголеми и најважни градови, вклучувајќи го и Шангај, не само што се изложени на пораст на морето туку и тонат поради спуштање на тлото.
Исто сценарио им се заканува и на Њујорк, Џакарта и Манила.
„Дури и мал пораст на нивото на морето од неколку сантиметри може повеќекратно да го зголеми ризикот од поплави“, предупредува кинескиот истражувач Јученг Лин.
Делтите под вода – се заканува колапс на земјоделството и транспортот
Најголем удар следи на делтите на реките – плодни, густонаселени области кои се клучни за земјоделството и индустријата.
Поплавите би можеле да ги уништат посевите, да го нарушат речниот транспорт и да предизвикаат миграција на милиони луѓе.
Научниците порачуваат дека единствениот начин да се ублажи катастрофата е да се намали емисијата на гасови на стаклена градина.
Доколку глобалното загревање забави, порастот на нивото на морето би можело да се ограничи на најмногу половина метар до крајот на векот.