Оштетеното срце буквално може да се „закрпи“ за да му се помогне да функционира, велат истражувачите, кои дојдоа до револуционерно откритие што, според научната заедница, ќе им помогне на луѓето со напредната срцева слабост, пишува „Гардијан“.
Според неодамнешна студија, срцевата слабост погодува повеќе од 64 милиони луѓе ширум светот, а причините вклучуваат срцев удар, висок крвен притисок и коронарна артериска болест.
Трансплантацијата на срце зависи од достапноста на органи, а вештачките срцеви пумпи се скапи и имаат висока стапка на компликации.
Сега научниците веруваат дека направиле значаен чекор напред со создавање на имплантабилни фластери составени од срцев мускул што чука и што може да му помогне на органот да се контрахира.
„Сега, за првпат, имаме биолошка трансплантација одгледана во лабораторија, која има потенцијал да го стабилизира и зајакне срцевиот мускул“, изјави професорот Инго Кучка, коавтор на истражувањето од Универзитетскиот медицински центар Гетинген во Германија.
Фластерите се направени од клетки земени од крвта и „препрограмирани“ да делуваат како матични клетки, кои можат да се развијат во било каков тип клетки во телото.
Во случајот на фластерите, овие клетки се претвораат во клетки на срцевиот мускул и сврзното ткиво. Тие се вградуваат во колаген гел и се одгледуваат во калап по мерка, пред да се закачат, во низа, на мембрана. Кај човечкото срце, оваа мембрана е со големина од околу 5 х 10 сантиметри.
Професорот Волфрам-Хубертус Цимерман, исто така автор на ова откритие од Универзитетскиот медицински центар Гетинген, вели дека мускулот во фластерите има карактеристики на срце старо само четири до осум години.
„Имплантираме млади мускули кај пациенти со срцева слабост“, додава Цимерман.
Тимот научници истакнува дека овие фластери се значаен напредок, бидејќи директното вбризгување на клетки на срцев мускул во срцето може да предизвика раст на тумори или развој на неправилен срцев ритам – што може да биде фатално.
Сепак, фластерите овозможуваат примена на многу поголем број клетки на срцевиот мускул со поголема задршка и, според досегашните податоци, немаат ризик од такви несакани ефекти.
Во трудот објавен во списанието „Нејчр“, Цимерман и неговите колеги објаснуваат како ги тестирале фластерите кај здрави резус макаки мајмуни, не наоѓајќи докази за неправилен срцев ритам, формирање тумори или болести поврзани со закрпите.
Кога тимот ги проучувал срцата на животните шест месеци по имплантацијата на фластерите, открил задебелување на срцевиот ѕид – во зависност од бројот на користени фластери.
Тимот исто така ги тестирал фластерите кај мајмуни со болест слична на хронична срцева слабост. Во овој случај, истражувачите забележале подобрување на функцијата на срцето, како што е поголема способност за контракција на срцевиот ѕид.
Истражувачите потоа го применија овој метод кај 46-годишна пациентка со напредната срцева слабост. Во овој случај, фластерите беа направени од човечки клетки земени од донор и беа пришиени со минимално инвазивна операција на биечко срце.
Три месеци подоцна, пациентката – чија состојба останала стабилна – добила трансплантација на срце, што му овозможило на тимот да го анализира отстранетиот орган. Истражувачите откриле дека фластерите преживеале и дека местата каде што биле пришиени биле прокрвени.
Бидејќи употребата на клетки од донор значи дека е потребна имуносупресија, научниците велат дека би било прескапо и би одземало премногу време да се направат фластери од клетки на самиот пациент, особено за оние на кои им е итно потребна помош. Донорските клетки, пак, нудат можност за подобро тестирање на безбедноста.
Тимот нагласува дека терапевтските ефекти на фластерите се забележуваат по три до шест месеци, што значи дека не се погодни за сите пациенти. Сепак, досега 15 пациенти веќе ги добиле овие фластери.
Цимерман истакнува дека целта не е нужно да се замени трансплантацијата на срце.
„Ова нуди нов третман за пациенти кои во моментов се под палијативна нега и кај кои смртноста е 50 проценти во рок од 12 месеци“.
Професорот Шан Хардинг од Империјал колеџ во Лондон го опиша истражувањето како револуционерно, но нагласи дека е потребна дополнителна работа, бидејќи клетките на срцевиот мускул во фластерот сè уште не се целосно зрели, а воспоставувањето на крвотокот е бавно.
Професорката Ипсита Рој од Универзитетот во Шефилд исто така го поздрави трудот, истакнувајќи дека операцијата би била помалку инвазивна од трансплантацијата на срце.
„Ова е одлична работа. Навистина сум импресионирана. Концептот е сосема јасен – можете да го закрпите срцето онаму каде што е оштетено“.