Шукова: Над 200.000 граѓани ќе добијат зголемени сметки за парно, неспособната власт купила поскап гас

Макфакс

01/02/2025

13:26

209

Големина на фонт

а а а

Во време кога животот е сѐ поскап, кога граѓаните секојдневно се борат за да го задржат својот животен стандард, Владата зададе нов силен удар врз нив – драстично поскапување на парното греење од над 5%! Ова е директен удар врз семејните буџети, во време кога трошоците за живот експлодираат, а платите остануваат исти, кажа денеска на прес конференција, Каја Шукова – потпретседателка на СДСМ.

„Над 200.000 граѓани во Скопје ќе добијат зголемени сметки за парно, и тоа поради барање на државната ЕСМ – истата таа компанија што Владата ја контролира! Треба на сите граѓаните да им биде јасно, само заради неспособност на Владата се покачува цената на парното кое можеше и требаше да биде спречено. Владата ветуваше евтин природен гас, но повторно излажа! Наместо да набави гас во јануари, кога цената на гасот во Европа беше околу 40 евра за мегават-час, Владата на Мицкоски набави гас за неверојатни 65 евра за мегават-час! Ако Владата навреме се погрижеше за поевтин енергенс, ова покачување немаше да се случи. Но, неспособноста и корупцијата повторно ги плаќаат граѓаните! Понатаму, квалитетот на парното е катастрофален. Радијаторите се млаки, чести се прекините во снабдувањето и оваа година имаме најслаб квалитет на испорачана топлинска енергија досега. Граѓаните плаќаат повеќе за услуга која е се полоша!“, истакна Шукова.

Според неа, ова поскапување ќе доведе до нова еколошка катастрофа.

„Граѓаните ќе бидат принудени да користат алтернативни и многу поштетни извори на греење, што значи дека загадувањето ќе расте! Наместо Владата да ја направи топлинската енергија подостапна и да ги охрабри граѓаните да останат на парно, таа со оваа мерка ги тера да бараат поевтини, но многу поштетни решенија. Во услови кога Скопје е прв на листата на најзагадени градови во светот, овие политики на Владата директно го загрозуваат животот на скопјани. Значи, ни стандардот, ни здравјето на граѓаните не ѝ се приоритет!“, вели Шукова и оцени дека „во изминативе осум месеци, Владата целосно го уништи животниот стандард на граѓаните“.

„Цените во маркетите растат без контрола а платите стагнираат. Владата немо го следи осиромашувањето на народот, без ниту една конкретна мерка за спас! Потрошувачката кошничка е сѐ поскапа, а граѓаните се оставени сами да се борат со невидена економска криза. Владата дозволи инфлацијата да го изеде приходите на македонските семејства, остави трговците да ги зголемат цените без никаква интервенција, а таа немо набљудува од страна. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се достојни да водат држава бидејќи не се грижат за луѓето и нивните маки. Ова поскапување на парното е само уште една потврда во низа дека оваа власт работи исклучиво за своите елити, а граѓаните ги остава сами на милост и немилост на кризата. Нивната неспособност ја плаќаме сите ние“, заклучи Шукова.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС за седум години власт енергетските компании од најпрофитабилни ги доведе до компании со милионски долгови по разни основи. Во 2017 година кога СДС ја презема власта, на сметката на ЕСМ имаше 20 милиони евра, а во 2024 година го оставија со минус од 80 милиони евра. Поради ваквото недомаќинско и неодговорно раководење на енергетскиот сектор во државата во време на владеење на СДС, цената на електричната енергија се зголеми за над 50%. Така да, кога СДС зборува за зголемување на цените треба си погледне малку зад себе и да види во каква состојба го остави енергетскиот сектор и енергетските претпријатија. Во однос на топлинската енергија, како што и од АД ЕСМ потврдија, во текот на актуелната грејна сезона дојде до зголемување на цената на природниот гас. А, од друга страна, природниот гас претставува основно погонско гориво за производство на топлинска енергија. Согласно зголемувањето на цената на природниот гас, компаниите треба да се придржуваат кон одлуките и актите донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги и согласно подзаконскиот акт кој го регулира максималниот приход и цена, вршителите на дејност имаат обврска да достават барања до комисијата доколку настанат значителни промени на околностите и елементите што постоеле во времето на одобрување на регулираниот максимален приход и цената на топлинската енергија. Оттука произлегува и обврската за барањето за корекција на цената, кое што, поради настаната промена на цената на гасот, доколку не се прати барање до РКЕ, би претставувало непочитување на законите“, стои во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.