УЈП ги објави податоците: Бојкотот го преполови прометот на маркетите, вчера остварени 114 милиони денари, 46% помалку од претходниот ден

A1ON.MK

01/02/2025

14:09

1.230

Големина на фонт

а а а

Управата за јавни приходи го објави прометот на осумте најголеми трговски ланци во земјава на денот на бојкотот, но и ден претходно како и минатиот петок.

– Во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари. Во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари. Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%. Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%, се вели во соопштението од УЈП.


Инспекторите влегоа во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа

Ден по бојкотот на маркети поради високите цени, премиерот Мицкоски изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа, при што според првичните сознанија она за што биле загрижени во однос на цените е всушност реалност.

„Излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните“, вели Мицкоски.


Тој рече дека ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат со цел од целата ситација да излезат како победници.

Вчерашниот бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите.

За износот на намалениот промет се очекуваат информации од УЈП.

Минималната синдикална кошничка што ја изработува ССМ покажа дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември.

Премиерот Мицкоски, на последните пратенички прашања во Собранието, најави дека в понеделник на седница на Економско-социјалниот совет ќе презентира, како што рече, „вистински цени“ од производи од потрошувачката кошница, бидејќи според него се манипулирало при пресметката од страна на поранешни функционери од СДСМ.