Министерството за внатрешни работи информира дека е пронајдена и приведена 42 годишна жена која вчера со автомобил удрила пешак и избегала без да му помогне.
„На 31.01.2025 во 17.30 часот во Скопје од страна на полициски службеници од СВР Скопје е пронајдена и лишена од слобода С.В.М.(42), затоа што на 31.01.2025 околу 14 часот на крстосница од бул. „Кузман Јосифоски Питу“ и ул. „Бојмија“ со патничко моторно возило „цитроен“ удрила во пешакот А.М. (38) од Скопје и го напуштила местото на настанот без да укаже помош на повредениот. А.М. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде му се констатирани телесни повреди“, велат од МВР.
Оттаму додаваат дека по наредба на јавен обвинител С.В.М. е задржана во полициска станица и против неа ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
Оваа несреќа се случи додека траеше протестот поради смртта на 22-годишната Фросина Кулакова која беше прегазена на булевар „Партизански одреди“.