Високото количество на преработено црвено месо во исхраната е поврзано со зголемен ризик од деменција и пад на когнитивните способности, покажа новото истражување.
Истражувањата претходно покажаа поврзаност помеѓу консумирањето говедско, свинско и јагнешко месо и ризикот од кардиоваскуларни болести и дијабетес тип 2, а во новата студија, научниците анализираа податоци на илјадници пациенти собрани помеѓу 1980 и 2018 година.
Експертите од Општата болница Бригам, Универзитетот Харвард и Технолошкиот институт во Масачусетс откриле дека когнитивното стареење се забрзува во просек за околу 1,6 години за секоја просечна порција црвено месо, која изнесува околу 85 грама.
Замената на таа порција со јаткасти плодови и мешунки, исто така, е поврзана со 19 отсто помал ризик од деменција и 21 отсто помал ризик од когнитивно опаѓање, наведоа истражувачите.
Нивните наоди беа објавени во списанието „Neurology“
„Упатствата за исхрана се фокусираат врз намалување на ризикот од хронични состојби, како што се срцеви заболувања и дијабетес, додека за когнитивното здравје поретко се дискутира, и покрај неговата поврзаност со овие болести“, рече Даниел Вонг, асистент – професор по нутриционизам на Харвард и еден од авторите на студијата.
„Се надеваме дека резултатите ќе поттикнат подлабоко разгледување на врската помеѓу исхраната и здравјето на мозокот“, додаде тој.
Иако студијата користела ригорозна методологија, таа сепак се смета за набљудувачка студија.
„Никогаш не можете да бидете целосно сигурни околу прашањето што предизвикува нешто врз база на набљудувачка студија, без оглед на тоа колку е голема или добро спроведена“, рече Кевин Меконвеј, почесен професор по применета статистика на Отворениот универзитет во Велика Британија, кој не учествувал во оваа студија.
Намалување на внесот на црвено месо
Новата студија ги спореди стапките на деменција кај група луѓе кои консумирале преработено црвено месо со втора група луѓе кои консумирале слични нешта како првата група, но внесувале една порција помалку црвено месо секој ден, заменувајќи ја со други извори на протеини.
„Процените не нѝ покажуваат директно што би се случило со групата луѓе кои ја промениле исхраната вклучувајќи помалку преработено црвено месо и повеќе живина и јаткасти плодови. Ефектот од тоа би можел да биде сличен на промените забележани во студијата, а може да биде и поинаков“, истакна Меконвеј.
Сепак, според препораките на непрофитната организација „ЕАТ“ која собира научни докази со цел редовно да ја информира јавноста за откритијата поврзани со исхраната и списанието „Лансет“, на луѓето им се препорачува да не консумираат повеќе од 98 грама црвено месо неделно, како од еколошки, така и од здравствени причини.
„Постоечките препораки во врска со црвеното месо обично сугерираат намалување на потрошувачката и негова замена со друга храна, но нивните наведени причини за таа препорака вклучуваат други поврзаности помеѓу потрошувачката на црвено месо и негативните здравствени исходи“, рече Меконвеј, укажувајќи на поврзаноста помеѓу црвеното месо и ризикот од кардиоваскуларни болести и рак на дебелото црево.
И авторите на студијата и експертот за статистика истакнаа дека се потребни повеќе истражувања за да се потврди оваа врска, пренесе „Euronews“.
„Продолжуваме да ја поврзуваме оваа приказна за да ги разбереме механизмите на настанување на деменцијата и когнитивното опаѓање“, рече Вонг.