Размената на подароци не е само човечка особина, туку постојат и многу животински видови кои меѓусебно се честат.Подароците генерално не се корисни и се разменуваат од интерес, односно за да се добие можност за парење, но тоа не ги спречува животните упорно да ги разменуваат.
Мувите-скорпии (Mecoptera), на пример, меѓусебно разменуваат топчиња од плунка, кои мажјаците им ги испраќаат на женките како покана за парење.
Овој тип на подарок „за заведување“ е забележан и кај различни видови полжави, дождовни црви и лигни. Меѓутоа и птиците уживаат во давањето подароците – мажјаците од одреден вид страчки (Laniidae) забиваат мали суштества на трње и гранчиња за да ги импресионираат партнерите, пред да им ги понудат на женките како подароци во текот на додворувањето.
Овој обичај, сепак, е најраспространет кај инсектите.
Мажјаците од еден вид молци (Zygaena filipendulae) преку своите секрети им подаруваат цијанид на своите партнери, пренесува Би-би-си.
Еден вид пајаци (Pisaura mirabilis), од друга страна, ги завиткуваат подароците во свила за потенцијалните партнери, за подарокот да изгледа попривлечно, а подароците понекогаш се лажни, кога во пакувањето нема ништо.
Меѓутоа познато е и дека други инсекти се обидуваат да „заштедат“ на подароците.
Некои инсекти, од друга страна, им дозволуваат на женките и физички да им наштетат заедно со подарокот, како врвен чин на самопожртвуваност.
Сепак, одредени животински видови подаруваат алтруистички, само за да го задоволат примачот.
На пример, делфините често им даваат на луѓето храна, како што се туна и октопод.
Исто така, одредени истражувања покажале дека враните им даваат различни подароци на луѓето кои во минатото им помагале со нешто.
Евроазиските сојки (Garrulus glandarius), кои припаѓаат на семејството на враните, исто така изгледа дека им даваат подароци на партнерите алтруистички, поради радоста на подарувањето.
Мажјаците набљудуваат што сакаат да јадат женките за кои се заинтересирани и, врз основа на она што го виделе, наоѓаат и им нудат иста или различна храна.
Овој тип на подароци е вообичаен и кај бонобото, вид на шимпанзо што дели речиси 99 отсто од својата ДНК со луѓето.
Тие, исто како и луѓето, понекогаш им даваат подароци на странците за да покажат гостопримство.
Бонобото често споделува храна со други бонобоа кои не се членови на нивната група, дури и по цена да се откажат од сопствената храна за да комуницираат со некој нов.
Ова го наметнува прашањето зошто животните воопшто си подаруваат подароци, а најчестиот одговор е дека тоа го подобрува репродуктивната способност, и на мажјаците и на женките, но и дека одредени видови едноставно уживаат во чинот на подарување.
Меѓутоа кај некои видови животни, основниот нагон за давање подароци е веројатно иста како кај луѓето – да се зајакнат социјалните врски со најблиските.