Кристина Еплгејт неодамна на својот поткаст искрено зборуваше за нејзината битка со мултиплекс склероза. Актерката добитничка на Еми, омилена по нејзините незаборавни улоги, сподели интимни детали за тоа како состојбата влијаела на нејзиниот секојдневен живот, од постојана болка до предизвиците при движењето.
Кристина Еплгејт, која денес полни 53 години, се повлече од актерството за да се фокусира на здравјето и семејството откако во 2021 година ѝ беше дијагностицирана мултиплекс склероза.
Холивудската ѕвезда животот со мултиплекс склероза го опишува како „работа со полно работно време“. Таа, исто така, открила дека нејзиниот најистакнат симптом е нервната болка во нозете, како чувство на оган, кој ѝ пречи дури и кога прави едноставни работи. Поради ова, таа морала да ги приспособи дневните рутини и да се потпира на помагала како што е бастун.
„Лежев во кревет и врескав од болка. Тоа е нешто што е со мене 24/7“, зборувала Еплгејт во поткастот.
Таа, исто така, говорела за емоционалните и физичките последици од болеста, нагласувајќи дека иако однадвор изгледа здраво, голем дел од нејзиното искуство не може да се види.
„Понекогаш не можам ни да го кренам телефонот, бидејќи болеста сега ми ги зафати рацете“, објаснила актерката.
И покрај предизвиците, Еплгејт ја задржа карактеристичната смисла за хумор, припишувајќи ја својата реалност на „убавината на невидливата болест“.
„Постојано сум во кревет. Мислам, работев скоро 50 години, па некако ми е во ред со тоа“, се насмеа таа.
Болеста на Кристина започнала со мали, речиси незабележливи промени. Таа не ги препознала првите симптоми: борбата да остане во рамнотежа за време на танцовата сцена за снимањето на првата сезона на „Dead to Me“ и промените додека играте тенис.
„Посакувам да обрнав внимание, но како можев да знам“, се пожали таа за „Њујорк Тајмс“.
Првите знаци ги забележала долгогодишната пријателка на Кристина, актерката Селма Блер, која исто така се соочува со мултиплекс склероза.
„Седев во дневната соба на Селма, нашите деца си играа, а јас ѝ се пожалив дека имам чудно трнење во нозете. Таа ми рече: ’Мораш да се тестираш за мултиплекс склероза‘. Дури и мојот доктор се сомневаше. Впрочем, поради неа ќе имам подобар квалитет на животот“, се присетила Еплгејт за британскиот „Вог“.
Кога ѝ била поставена дијагнозата, таа на социјалните мрежи побарала поддршка, но и приватност.
„Здраво пријатели. Пред неколку месеци ми беше дијагностицирана МС. Беше тоа едно чудно патување, но луѓето кои ја имаат истата состојба несебично ме поддржаа. Ова е тежок пат, меѓутоа, како што сите знаеме, патот продолжува. Освен ако некој не го блокира. Затоа сега барам приватност. Додека минувам низ оваа ситуација“, напишала своевремено на „X“.
Таа се обидува да ја подигне свеста за луѓето кои страдаат од оваа болест.
Мултиплекс склероза може да се смета за невролошка состојба поради начинот на кој се манифестираат нејзините симптоми, но во суштина тоа е автоимуна состојба. Таа е болест за која нема лек, може да се појави на која било возраст, и почесто кај жените отколку кај мажите.
Кристина Еплгејт е среќна поради напредокот на медицината и фактот дека на луѓето со МС им се помага да живеат подолго, но сè уште не е сигурна дали таа ќе биде уште долго тука.
„Тоа е страшното нешто во врска со мултиплекс склерозата – таа никогаш не завршува. Толку сум лута поради тоа, не можеш да ја победиш“, рече таа еднаш.