Компјутерскиот инженер Брајан Џонсон (47), кој вели дека годишно троши околу два милиони долари за да ја поврати младоликата форма на телото и има за цел да го продолжи човечкиот животен век до 150 години, направи нов експеримент со драматичен пресврт.
Со објава на својот инстаграм-профил, тој ги покажа резултатите од последната козметичка процедура наречена „Проект бебешко лице“. Неговото лице било целосно отечено и воспалено, како резултат на инјектирање масти од донатор во неговото лице. Ова било обид да го врати младешкиот изглед, којшто го изгубил поради ригорозниот здравствен режим.
„Навистина се истенчив и изгубив многу масти, посебно во лицето… Изгледав слабо. Луѓето си помислија дека сум на работ на смртта“, изјави Џонсон.
Поради неговата строга диета, која не преминува 1.950 калории дневно, тој почнал да има пропаднат изглед и покрај тоа што имал подобрени биомаркери.
Триесетина минути по инјектирањето на мастите, Џонсон доживеал тешка алергиска реакција.
„Веднаш по инјекциите, моето лице почна да се подува. И потоа нештата почнуваа да се влошуваат, до степен што не можев да гледам. Тоа беше тешка алергиска реакција“.
Неговото лице се вратило во нормала по седум дена, а неговиот им веќе го планира следниот чекор во „Проект бебешко лице“.
Да потсетиме, Џонсон вработил тим од 30 лекари и професионалци за да ја нагледуваат секоја негова телесна функција. Тој има цел да има „мозок, срце, бели дробови, црн дроб, бубрези, тетиви, заби, кожа, коса, мочен меур и пенис на 18-годишник“.