Фотографиите на невообичаениот облакодер кој наскоро треба да биде изграден во главниот град на Албанија, последниве денови ја преплавија имагинацијата и интернет адресите на светските списанија за дизајн и архитектура. Оваа идна градба го привлекува вниманието со својот необичен изглед, кој потсетува на огромна детска сложувалка.
Имено, фасадата на идниот облакодер е поделена на волумени кои личат на типични албански селски куќи со коси покриви (покриви на две води). На облакодерот наречен „Puzzle Tirana“ му „недостасува“ последниот дел, односно доколку го набљудувате од птичја перспектива, ќе забележите дека во средината на градбата има празнина, која со својот облик одговара на куќата, која е основна форма и главен елемент на фасадата.
Облакодерот е дизајниран од меѓународни архитектонски фирми со седиште во Италија, НОА и Ателје 4, а за нивното невообичаено дело велат дека наликува на „сложувалка која го чека својот последен дел – и на тој начин го опфаќа минатото на градот и неговата иднина која допрва треба да биде напишана“.
Модулите во облик на куќа кои го прават овој облакодер малку почовечен и за паметење, доаѓаат во различни бои, со различни отвори и се ориентирани во различни насоки. Секоја од овие модули-куќи ќе им даде на своите станари дополнителен простор кој може да биде и внатрешен и надворешен, па лесно ќе стане дополнителна просторија, висечка градина, место за скара или забава.
Ова футуристичко албанско вертикално село ќе се издигне 71 метар во воздух, а неговата вкупна површина ќе изнесува 32.700 метри квадратни, а предвидено е и за деловна, комерцијална и за станбени намена. Деловните простории на зградата ќе бидат лоцирани на првите два ката, а на вториот до шестиот кат ќе има хотел и станови, додека на најгорните три ката ќе има пет пентхауси.