Словенката Меланија Трамп по втор пат ќе биде прва дама на САД, а за нејзиниот пат до Белата Куќа може првенствено да ѝ се заблагодари на една случајна средба, која се случи во 1987 година во главниот град на Словенија како и на фотографот Стане Јерко.
Фотографии преку кои започна нејзината кариера
„Излегував од модната ревија во Љубљана и ја видов пред зградата. Веројатно ја чекаше пријателката“, изјави словенечкиот фотограф Стане Јерко за Ројтерс во 2016 година. „Ја забележав бидејќи беше висока и слаба, ѝ се приближив и ѝ предложив пробно фотографирање“, изјави Јерко.
Резултатот беа црно – белите фотографии на 17 годишната Меланија Кнавс преку кои започна нејзината манекенска кариера, која ја однесе до Милано и Њујорк, каде што на една забава во 1998 година го сретнала Доналд Трамп.
Меланија во Љубљана почна да се занимава со манекенство откако ја освои титулата на прва придружничка на Мис Словенија во 1992 година. „На почетокот беше срамежлива, но брзо учеше и покажуваше интерес за секој детаљ на фотографирањето“, вели Јерко. „Таа беше како заспана кукличка која се преобрази во гламурозна пеперутка“.
Жителите на гратчето Севница во југоисточна Словенија, на триесетина километри оддалечено од хрватската граница, каде што израснала Меланија, на медиумите претходно им открија дека нејзиниот татко продавал автоделови, а нејзината покојна мајка работела како шивачка во фабрика за детска облека.
„Сличноста на Трамп со таткото на Меланија“
„Кога видов со кого се омажи, ја забележав сличноста меѓу Трамп и нејзиниот татко“, изјави пред неколку години пријателката на Меланија од детството, Мирјана Јеланчич. „Постојат физички сличности, и двајцата се работохоличари. Мислам дека во него ја пронајде сродната душа, некој со кого се чувствува безбедно“, додаде Мирјана.
Меланија студирала дизајн и архитектура на универзитетот во Љубљана, но ги напуштила студиите за да продолжи со манекенството. Веќе во средината на 90-тите години нејзината кариера доби меѓународни размери, кога се пресели во Милано и Париз каде работеше со големи модни куќи.
Покрај тоа, Меланија го смени и името, од Меланија Кнавс во Меланија Кнаус за да биде попривлечно за пошироката јавност. „Тоа беше огромна можност и не сакав да ја пропуштам шансата да ја создавам сопствената иднина на глобално ниво“, изјави Меланија во врска со нејзината преселбата во странство.
Пристигнување во САД и средбата со Трамп
Во 1996 година, Меланија се пресели во Њујорк, што беше пресвртница во нејзиниот живот. Во САД, таа доби можност да работи со престижни модни списанија, вклучувајќи ги „Vogue“ и „Vanity Fair“. Но, клучниот момент се случи во 1998 година, кога таа го запозна Доналд Трамп, тогаш веќе етаблиран бизнис магнат и медиумска личност.
Нивната средба се случи во текот на забавата на модната недела во Њујорк, по што започна и нивната љубовна врска која ја донесе до центарот на американскиот општествен и политички живот.
„Од моментот кога започна нашиот разговор, бев маѓепсана од неговиот шарм и опуштеност. Имаше толку многу раздвижени активности околу нас, но поради неговата посветеност врз нашата интеракција се почувствував како да сум во центарот на неговиот свет“ напиша Меланија.
„Тоа беше освежувачко оддалечување од вообичаениот, површен разговор и се сфатив дека ме привлекува неговата енергија“, додаде таа.
Меѓутоа, Доналд тогаш не бил сам, туку бил придружуван од друга жена. „Кога таа замина за момент, тој ми го побара мојот телефонски број“, раскажа Меланија, која притоа одбила да му го даде нејзиниот број. Наместо тоа, го замолила Доналд да ѝ го даде неговиот број, што тој со задоволство го прифатил но под еден услов.
„Ќе ти го дадам мојот број доколку ветиш дека ќе ме побараш“, ѝ кажал тогаш Трамп. „На почетокот не бев сигурна во врска со Доналд, но ме импресионираше неговата решителност и начинот на којшто го гледа светот“, се потсети Меланија во едно интервју.
Инаку, Доналд и Меланија се верија во 2004 година, а се венчаа во јануари 2005 година на церемонијата во Палм Бич, Флорида. На венчавката присуствуваа бројни познати личности, меѓу кои и поранешниот претседател Бил Клинтон и Хилари Клинтон. Во 2006 година, парот го доби синот Барон, а истата година Меланија официјално го доби американско државјанство.
Меланија во Белата куќа
Кога Доналд Трамп победи на претседателските избори во 2016 година, Меланија стана првата дама на САД. Тоа беше само втор пат во историјата, жена родена надвор од САД да стане прва дама на таа земја.
Првата беше Луиза Адамс, сопругата на шестиот американски претседател Џон Квинси Адамс.