Дрвените згради повторно се посакувани, а се работи за градба со помош на масивни, дрвени елементи кои ги заменуваат бетонските и челичните столбови. Овој метод на градба сè уште не стана мејнстрим, но зградите со дрвени делови се појавуваат низ целиот свет.
Најголемата дрвена зграда има 25 ката и се наоѓа во Милвоки. Станува збор за зградата Ascent, која беше завршена во 2022 година. Оттогаш, ширум светот се кренати уште 84 дрвени згради од шест или повеќе ката, а се планирани уште 55. Зградата со масивни дрвени елементи е добро решение, бидејќи е енергетски поефикасна од употребата на бетон и челик (употребата на овие материјали во градежништвото е одговорна за 15% од глобалните емисии на штетни гасови).
Вистина е дека експертите сè уште дебатираат колку употребата на дрво во градежништвото придонесува за ублажување на последиците од климатските промени, бидејќи се потпира на обновливи материјали како дрвото. Употребата на дрво во градежништвото не е ништо ново, а пред 30 години, градежниците во Австрија и Германија почнаа да развиваат градежни техники кои вклучуваат масивни дрвени елементи кои овозможуваат изградба на високи згради од овој материјал. Кога станува збор за облакодерите, дрвото се комбинира со метал и бетон, бидејќи доволно силни дрвени елементи би заземале премногу простор.
Најголема грижа кога станува збор за дрвените згради се пожарите - за да може една зграда да се смета за безбедна, неопходно е материјалите што се користат во нејзината изградба да можат да издржат оган најмалку три часа, за станарите да имаат време да се евакуираат. Биле извршени многу тестови за отпор на масивни дрвени елементи, а резултатите на крајот ги убедија регулаторите дека тие можат да издржат оган доволно долго, делумно поради тоа што надворешните делови брзо јагленисуваат и на тој начин ја штитат внатрешноста на столбовите.
Има и други предизвици – влагата е исто така голем проблем, дури и поголем од огнот. Влажното дрво е поподложно на распаѓање поради габите и присуството на инсекти како што се термитите. Затоа се внимава при транспортот материјалот да не дојде во допир со влага и да се почитуваат сите процедури кои го штитат дрвото од влага – најважни се системите за греење и вентилација. Друг проблем е акустиката, бидејќи дрвото подобро го пренесува звукот од бетонот, па затоа и овде се користат дополнителни материјали кои делуваат како звучни изолатори.
Експертите велат дека ќе бидат потребни повеќе истражувања за да се утврди влијанието на користењето дрво во градежништвото врз ублажувањето на климатските промени. Во меѓувреме, сè повеќе архитекти се одлучуваат за овој начин на градба, бидејќи претходно произведените дрвени делови им ја олеснуваат работата и им даваат поголема контрола врз процесот на градба, а изградбата е дури 40% побрза.