[ФОТО] Солун: Метростаница, а истовремено и археолошко наоѓалиште

Точка

15/12/2024

15:02

2.245

Големина на фонт

а а а

Патниците кои минуваат низ новата метростаница во Солун, Грција, можат да видат многу повеќе од модерните дигитални табли за поаѓање. Имено под нивните нозе се наоѓаат остатоци од централниот антички пат, поплочен со мермер и украсен со колонади.

Работниците ја открија оваа сообраќајница стара повеќе од 2.300 години додека вршеа ископ за изградба на новиот целосно автоматизиран метро систем, чија главна линија беше отворена за јавноста на 30 ноември. Откритието, кое еден академик го нарече „византиска Помпеја“ предизвика жестока дебата.



Инженерите тврдеа дека историските остатоци мораат да бидат преместени за да продолжи изградбата. Од друга страна, поборниците за зачувување на културното наследство инсистираа артефактите да останат на нивното првобитно место како споменик на историјата на градот.

Од метрото до минатото

На крајот, по многу контроверзии, победија поборниците за зачувување. Компанијата задолжена за изградба на метрото ја редизајнираше пругата, поставувајќи тунели на длабочина од 31 метар. Тоа е многу подлабоко од првичниот план, со цел некогашниот фреквентен пат кој минувал низ византискиот пазар да остане недопрен како отворен археолошки локалитет.


Денес, дел од тој пат, заедно со фрагменти од камени ѕидови кои некогаш ги сочинувале продавниците и другите јавни згради, претставуваат дел од подземниот музеј на станицата Венизелос. Посетителите кои брзаат кон и од возовите можат да ѕирнат во далечното минато низ проѕирните подови.

„Ова е навистина уникатен технички проект кој го истакнува културното богатство на градот“, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Инстаграм. Тој ја обиколи станицата заедно со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и други државни претставници.


Вториот по големина град во Грција, Солун, се наоѓа во Термајскиот залив, на северозападниот агол на Егејското Море. Кралот Касандар, го основал Солун околу 316 година пр. н. е. и го именувал по неговата сопруга Тесалоники, полусестра на Александар Велики. Низ градот минувале Римјани, Византијци и Османлии оставајќи свои траги.



Изградбата на солунското метро траеше повеќе од две децении, со бројни доцнења. Тие беа предизвикани од финансиски тешкотии за време на економската криза која ја доведе Грција до банкрот и депресија. Завршувањето беше одложено и поради тензиите помеѓу зачувувањето на антиквитети и развојот на современиот урбан транспорт во град со централна градска област од повеќе од еден милион жители.

Артефакти на секој чекор

„Проектот се соочи со значителни одложувања и многу предизвици, вклучително и над 300.000 археолошки наоди, од кои многумина сега се изложени на различни станици долж главната линија“, рече Христос Стаикурас, грчкиот министер за транспорт и инфраструктура, за време на медиумската турнеја низ метростаницата пред нејзиното отворање. Според грчкото Министерство за транспорт и инфраструктура, новото метро се очекува да превезува околу 250.000 патници дневно.



Покрај римскиот пат изложен на станицата Венизелос, за време на изградбата на метрото беа откриени и други археолошки скапоцени камења, вклучувајќи грчки гробишта со споменици, ранохристијанска базилика, како и водоводни и канализациони системи.


Помалите наоди, како мозаици, керамички фрагменти, накит и садови од различни векови, сега се изложени на различни станици долж линијата на метрото со 13 застанувања. Овие „архео-станици“ комбинираат модерен транспорт со бесценети антиквитети, повикувајќи ги патниците не само да патуваат низ градот, туку и низ времето.