Невообичаен нов вкус на кафе ги освои тиктокерите ширум светот, кои споделуваат видеа во кои го пробуваат својот омилен пијалак, но со додаток на млад кромид. Да, добро прочитавте.
Имено, Кинезите дошле до идеја зелениот дел од младиот кромид да го ставаат во леденото кафе, а овој рецепт набрзо стана хит на социјалните мрежи, па сега многумина прават и пробуваат свои верзии на ова кафе, кое го нарекуваат „Spring Onion Latte“.
Многумина не се воодушевени
Рецептот е многу едноставен. Најпрво направете ледено кафе како што обично го подготвувате – со мраз и млеко, а потоа додадете го исечканиот зелен дел од младиот кромид и сè убаво измешајте. Еден тиктокер објасни дека младиот кромид го неутрализира горчливиот вкус на кафето и додава крцкав контраст на пијалакот.
Сепак, сите не се воодушевени од овој рецепт. Еден тиктокер, чие видео е прегледано повеќе од милион пати, се задуши по првата голтка. „Не можам ниту да се преправам дека ова има некаков квалитет. Ужасно е“, рече тој. Повеќе од 700 луѓе го коментираа неговото видео, и повеќето се согласија дека овој пијалак треба да се одбегнува.
„Зеленчукот нека остане во супата“, „Го сакам кафето, и го сакам младиот кромид. Но, ова е многу погрешно“, „Ќе ви треба цело пакување гуми за џвакање откако ќе го испиете ова“, „Потопете го лебот со лук во ова и имате комплетен појадок“, коментираа корисниците на социјалните мрежи.
„Темна кујна“
Ова не е прв пат Кинезите да пробуваат различни бизарни вкусови на овој пијалак. Имено таму веќе постои кафе со вкус на соја сос, како и кафиња со октопод, школки и говедско месо.
Тие оваа кујна ја нарекуваат „темна кујна“ (на кинески: hei an liao li), а се однесува на комбинации на храна и пијалаци кои можеби звучат чудно, но многумина често ги консумираат.