[ФОТО] Ова е жената којашто ја нарекуваат новиот Ајнштајн

Точка

24/09/2024

18:39

3.093

Големина на фонт

а а а

Сабрина Гонзалез Пастерски ја нарекуваат новиот Ајнштајн, а на само 31 годишна возраст, таа има неверојатни достигнувања: два пати беше на листата на „Форбс“, дипломираше физика како најдобар студент во генерацијата, нејзиното истражување го цитирал Стивен Хокинг, а сега предводи тимот од физичари и им помага подобро да ја разберат квантната теорија.

Сабрина Пастерски се школувала во државно училиште во Чикаго. Во текот на своите адолесцентски години, таа била фасцинирана од хемијата, физиката, биологијата, технологијата и математиката, а на 14 годишна возраст дури имала направено и управувано со сопствен едномоторен авион.


Пастерски знаела дека сака да го продолжи своето школување на „MIT“ (Massachusetts Institute of Technology), а каде што била ставена на листата на чекање кога прв пат се пријавила. Подоцна се стекнала со диплома по физика со просечна оценка 10,00, што ѝ донесе титула на прва девојка којашто дипломирала физика како најдобар студент, а својот докторат го завршила уште на 21 годишна возраст и тоа на универзитетот Харвард. Во 2012 година, таа се појави на листата на научници „30 под 30“ на „Форбс“, додека во 2015 година се појави и на „All Star“ листата.

Кршење на бариерите на Харвард

Во 2014 година додека била на Харвард, Пастерски и нејзините колеги откриле „ефект на спин меморија“, којшто би можел да открие/верификува мрежа на ефекти на гравитациските бранови. Тоа ѝ донесе академска слобода и ѝ овозможи, во 2015 година да објави индивидуален труд околу своите откритија. Овој индивидуален труд заедно со уште два други во коишто била ко – автор, ги цитирал Стивен Хокинг во 2016 година.


Нејзината дисертација е објавена во „Physics Report“ и така станала вториот доктор на науки од Харвард којшто постигнал такво нешто. Пастерски се стекнала со докторат во 2019 година, а потоа завршила постдокторски студии во Принстон – центарот за теориска наука.

Каде е Сабрина Пастерски денес?

По Харвард и Принстон, Пастерски одбила понуда од 1,1 милиони долари од универзитетот „Браун“ за да стане доцент и да се приклучи кон институтот „Perimeter“ во 2021 година. Инаку, Пастерски истражува комплицирани теми како што се црните дупки и прави работи за коишто на многумина луѓе дури им е тешко и да размислуваат.

Пастерски моментално предводи тим за кодирање на универзумот во холограм, со цел подобро да го разберат и соединат просторот – времето со квантната теорија, а исто така таа е основач и водечки истражувач на Иницијативата за небесна холографија.


Покрај нејзиното истражување (коешто би можело да го смени начинот на којшто го гледаме целиот универзум), Пастерски е заговорник на подобрувањето на перцепцијата на жените во науката, и им помага на девојките ширум светот да добијат квалитетно образование, а за нејзиниот ангажман има добиено признание од Белата куќа.

„Не знам точно кој проблем ќе го решам или нема да го решам, или на што точно ќе работам за неколку години. Тоа што е забавно во физиката е дека не знаете што точно ќе направите, и вообичаено работите се менуваат многу брзо – некако неповратно – доколку се навистина во право“, изјави Пастерски за „Discovery Canada“.

Интересно е тоа што Пастерски не поседува смарт телефон, и за разлика од останатите милениумци, таа исто така ги одбегнува социјалните мрежи, така што нема да можете да ја најдете на Фејсбук, Инстаграм, Х или Линкдин.



Спонзорирани линкови

Маркетинг