Не ги отфрлајте ненадејните симптоми слични на мозочен удар, кои исчезнуваат исто толку брзо, предупредуваат лекарите, истакнувајќи дека некои траат 10 минути и се повлекуваат во рок од 24 часа.
Притоа, според официјалните податоци, една третина од пациентите умираат, една третина остануваат инвалиди, неспособни за самостоен живот, а само една третина од нив се враќаат на претходниот начин на живот. Посебно загрижува фактот дека сè почесто страдаат младите.
Дотолку повеќе што, според советите на лекарот, треба да обрнете внимание на петте предупредувачки знаци кои можат да се појават и 90 дена пред мозочниот удар.
На пример, ако вашата рака наеднаш се вкочани или ослаби или ако говорот ви стане нејасен, а симптомите набрзо се повлечеат, не треба да заборавите на тоа, туку контактирајте го вашиот лекар.
Тие минливи симптоми слични на мозочен удар, иако не оставаат долгорочни последици, не треба да се игнорираат, пишува британски „Сан“.
Овие знаци може да укажуваат на транзиторен исхемичен напад (ТИА), познат и како „мини мозочен удар“ или „предупредувачки мозочен удар“.
„Симптомите на ТИА вклучуваат спуштено лице, слабост во рацете и отежнат говор, слично на вистински мозочен удар, но без трајни оштетувања“, рекол д-р Ахмед Итрат од клиниката „Кливленд Акрон џенерал“.
Колку е сериозна работата, дополнително објаснил директорот за васкуларна неврологија во болницата „Лангон“ во Њујорк.
„Тоа навистина е предзнак за многу луѓе дека ќе доживеат мозочен удар дури и во следните 48 часа, а секако и во следните седум, 30 или 90 дена“, прецизирал д-р Џиљо за „Хафингтон пост“.
Според Националната здравствена служба на Велика Британија (НХС), „мини-мозочен удар“ може да се случи кога протокот на крв во мозокот привремено е прекинат. Симптоми на кои треба да обрнете внимание се:
Рамнотежа – личноста може да се занесува или целосно да ја изгуби рамнотежата.
Вид – промените во видот како што се заматување, губење на видот или двојни слики се нешто на што треба да се обрне внимание.
Лице – можеби е спуштено на едната страна, личноста не може да се насмее или устата или очите малку му се „искривени“.
Раце – личноста можеби нема да може да ги крене двете раце и да ги држи во таа положба поради слабост или вкочанетост на едната рака.
Говор – говорот може да биде нејасен, односно личноста воопшто да не може да зборува, иако остава впечаток дека е свесна за сè. Може и да има проблеми со разбирањето на она што ѝ се зборува.
Во секој случај, лекарите предупредија дека доколку забележите некој од овие знаци, веднаш треба да повикате брза помош. Тие исто така истакнаа дека некои од овие симптоми може да траат околу десетина минути и да исчезнат во рок од 24 часа.