[ФОТО/ВИДЕО] Тажна глетка во Централна и Источна Европа: Се зголемува бројот на жртви во поплавите од „епски размери“

Точка

17/09/2024

15:48

2.253

Големина на фонт

а а а

Најмалку 17 лица загинаа во поплавите предизвикани од циклонот Борис во Европа.

Расте бројот на загинати во поплавите што изминатиот викенд ја погодија Централна и Источна Европа, а досега загинаа најмалку 17.

Би-би-си јавува дека во Чешка едно лице се удавило во поток во близина на градот Брунтал на североистокот на земјата, додека седум лица се уште се водат како исчезнати.

Четири лица беа потврдени мртви во Полска, иако портпаролот на Министерството за внатрешни работи рече дека точната причина за смртта на сите допрва треба да се утврди.


Во Австрија две лица на возраст од 70 и 80 години починаа на североистокот на земјата.

Еден од нив, жител на градот Хеберсдорф, изгледа се обидувал да испумпа вода од станот кога се удавил, јавуваат австриските медиуми.

Осум смртни случаи беа регистрирани и во текот на викендот во Полска, Романија и Австрија, каде што еден пожарникар загина за време на спасувачка операција.

Екстремните врнежи зачестија во Европа, но и во поголемиот дел од светот, поради климатските промени.


Иако условите се стабилизирани во некои делови од Централна Европа, други региони се подготвуваат за можна опасност.

Во Словачка, Дунав се поплави во Стариот град на главниот град Братислава, а локалните медиуми јавуваат дека нивото на водата надминало девет метри и се очекува дополнително да се зголеми.

 Унгарскиот премиер Виктор Орбан на IX напиша дека ги одложил сите меѓународни обврски „поради екстремните временски услови и поплавите во Унгарија“.

Најмногу врнежи имало во Чешка.

Во североисточниот град Јесеник, од четвртокот наутро паднале 473 милиметри - пет пати повеќе од просечната количина на врнежи за еден месец.


Прага не сака да ризикува по поплавите кои го опустошија градот пред две децении.

 Во локалната меморија се врежани слики од поплавени метро станици во 2002 година, евакуација на жители во гумени чамци и давење слонови во зоолошката градина во Прага.

Нешто пред десет часот во петокот, тежок челичен бедем, дебел еден метар, го затвори таканаречениот Ѓаволски канал или Чертовка, кој се пробива низ историскиот кварт Мала Страна во Прага, враќајќи се кон реката Волтава.

 Чертовка е дел од националната мрежа за одбрана од поплави за која властите велат дека чинела повеќе од милијарда евра за да се спречат катастрофалните штети во 1997 и 2002 година.

Во Прага се надеваат дека ќе ги избегнат најлошите поплави.

 Викендов вниманието беше насочено кон централните и источните делови на земјата, особено на Северна Моравија, каде во 1997 година животот го загубија 50 лица.


Во австрискиот град Сент Полтен за четири дена падна повеќе дожд отколку во целата највлажна есен досега, во 1950 година.

Канцеларот Карл Нехамер рече дека вооружените сили биле распоредени да им помогнат на регионите погодени од невремето.

 Австриското Министерство за клима соопшти дека се предвидени 300 милиони евра за закрепнување.

Села и градови беа потопени и во источна Романија.

 Емил Драгомир, градоначалник на Слобозија Коначи, рече дека поплавите биле од „епски размери“.


„Да бевте овде, веднаш ќе плачете, бидејќи луѓето се очајни, цел живот им го нема, имаше и такви што останаа само со облеката во која беа“, рече тој.

Во Полска беа евакуирани илјадници луѓе, меѓу кои и персоналот и пациентите од болницата во градот Ниса.

Патиштата се главно непроодни, а железничкиот сообраќај е во прекин во многу делови од земјата.


Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека за настраданите од поплавите ќе бидат доделени една милијарда злоти, што е повеќе од 200 милиони евра. Тој додаде дека Полска ќе аплицира за помош од фондовите на ЕУ.


Полска во понеделникот прогласи состојба на природна катастрофа за полесно да се одговори на вонредни ситуации и да се добијат средства од ЕУ.


Во понеделникот наутро, градоначалникот на Пачко во југозападна Полска ги повика жителите да се евакуираат бидејќи водата почна да се излева во блискиот резервоар, загрозувајќи го градот.

Меѓутоа, во другите делови на Полска, според локалните власти, нивото на водата сега опаѓа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг