Одлуката на Трамп да постави „шарлатани“ на чело на здравството претставува проблем за целиот свет

Точка

21/11/2024

21:28

2.627

Големина на фонт

а а а

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп со секое ново назначување на водечки луѓе во неговата нова администрација, предизвикува загриженост и критики од страна на научната и стручната јавност, како во САД, така и во светот.

Контроверзни луѓе на клучни позиции

Ова се само некои од најконтроверзните кандидати кои Трамп ги избра досега.

За министер за енергетика го именуваше климатскиот скептик Крис Рајт, извршниот директор на компанијата „Liberty Energy“, позната по екстракција на нафта и гас од длабоки подземни слоеви на карпи со инјектирање мешавина од вода, песок и хемикалии под висок притисок.


Потоа за министер за здравство и социјални услуги го одбра Роберт Ф. Кенеди Јуниор, познат по неговите антиваксерски ставови, а за администратор на Центарот за услуги „Medicare“ и „Medicaid“ го одбра Мехмет Оз, кој беше критикуван поради промоцијата на неефикасните медицински третмани во неговата популарна ТВ емисија „Dr. Oz“.

Овие именувања се толкуваат како потези кои ги поткопуваат институционалните мисии и ги унапредуваат интересите на корпорациите и конзервативните политички идеологии. Истовремено се добива впечаток дека Трамп со нив ги исмева своите политички противници.

Лошото менаџирање на Трамп со пандемијата

Уште во неговиот прв мандат, Трамп со своите постапки го покажа својот презир кон медицинските професионалци. Како одговор на пандемијата Ковид-19, тој редовно ги игнорираше нивните совети, особено советите на главниот епидемиолог Ентони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести.

Покрај тоа, тој често даваше контроверзни изјави и промовираше научно недокажани лекови. На пример, тој силно се залагаше за употреба на хидроксихлорокин како лек за ковид-19 и покрај предупредувањата од научните институции и ФДА дека нема докази за неговата ефикасност и дека може да предизвика сериозни несакани ефекти, како што се срцеви проблеми.


Во текот на една прес-конференција, тој посочи дека вирусите во телото на заразено лице може да се елиминираат со инјектирање средство за дезинфекција или употреба на УВ светлина, што предизвика потсмев поради бесмисленоста на таквата идеја, но и осуда од медицинската заедница поради опасноста од таквата постапка, доколку некој навистина се обиде да ја примени.

Тој, исто така, често одбиваше да носи маски, па дури и ги исмеваше на јавни настапи. Исто така ги охрабруваше собирите каде што не се почитуваа мерките за социјално дистанцирање, што го олесни ширењето на вирусот.

Иако неговата администрација ја започна операцијата „Warp Speed“ за развој на вакцини, тој ја релативизираше важноста на вакцинацијата и даваше двосмислени изјави кои придонесоа за скептицизам спрема вакцините. На пример, наместо да ги охрабрува Американците да се вакцинираат, тој ја потенцираше слободата на луѓето да одлучуваат околу тоа.


„Не ја сакате? Тоа е во ред. Вие сте слободен народ. Треба да имате слобода на избор“, велеше Трамп.

Згора на тоа, на состаноците тој често го потенцираше природниот имунитет како поефективен, а „booster“ дозите ги нарекуваше „маркетиншки трик“.

Се проценува дека стотици илјади Американци починале поради лошото управување со пандемијата, вклучително и игнорирањето на научните упатства. Извештаите сугерираат дека околу 300.000 смртни случаи можеле да бидат спречени доколку подобро се управувало со пандемијата и доколку повеќе се почитувале јавно-здравствените мерки.

Се очекува дека во новиот мандат Трамп ќе се обиде да ги намали трошоците за здравствена заштита, да ја продолжи неговата приватизација и да го забрани истражувањето на матичните клетки важни за многу болести.

Антиваксерството на Кенеди

Судејќи според досегашните најави и изборот на луѓето, ситуацијата во здравството може да биде уште полоша во вториот мандат на Трамп.

Имено, неговиот избраник за чело на здравството, Роберт Ф. Кенеди Јуниор е познат по ширењето дезинформации за безбедноста на вакцините, вклучително и научно отфрлените тврдења дека тие предизвикуваат аутизам. Неговите организации, како што е „Children’s Health Defense“, силно се противат на програмите за имунизација.


За време на пандемијата, тој беше меѓу најгласните критичари на вакцините. Тој тврдеше дека тие биле „експериментални“ и дека биле „премногу брзо развиени“, што го зголеми скептицизмот на јавноста не само во САД, туку и низ целиот свет.

Во своите јавни настапи, особено на социјалните мрежи, тој ширеше теории на заговор според кои вакцините се користат за „надзор и контрола на луѓето“.

Тој ја спореди вакцината против Ковид-19 со нацистичкиот режим, велејќи дека луѓето денес се соочуваат со „нова форма на тиранија“.

Промоција на шарлатанството

Друга клучна фигура на чело на здравството, Мехмет Оз, иако квалификуван лекар, честопати беше критикуван поради промовирање псевдонаучни третмани и производи без докажана ефикасност, вклучително и хидроксихлорокин против ковид-19.

Меѓу другото, тој го промовираше зелениот чај во прав како „чудесно средство за слабеење“ кое ги прави диетите и вежбањето непотребни, меѓутоа се покажа дека не постојат никакви научни докази за поддршка на овие тврдења.


Студијата објавена во „British Medical Journal“ во 2014 година, заклучи дека помалку од половина од тврдењата изнесени во емисијата „The Dr. Oz Show“ биле поддржани со „некакви“ докази, а тој удел се намалил на една третина кога критериумот бил зголемен на „убедливи“ докази. Веб-страницата „Science-Based Medicine“ оди уште подалеку и тврди: „Ниту една друга ТВ емисија не може да го надмине „The Dr. Oz Show“ во однос на количината на лоши здравствени совети кои постојано ги нуди, а притоа нудејќи впечаток на веродостојност“.

Неговите тврдења и име често биле користени од маркетинг тимови на производители на алтернативни и традиционални препарати и додатоци со цел зголемување на продажбата.


Поради овие практики и поради проблемите со етиката и професионализмот, американскиот Сенат го повика на сослушување во 2014 година. Иако немаше докази дека бил директно платен за промовирање на непотврдени производители на средства, тој се најде на мета на критики поради соработката со нив и обезбедувањето платформа за нивно рекламирање.

Новата позиција на Оз како шеф на Центрите за „Medicare“ и „Medicaid Services (CMS)“ би можела дополнително да ги легитимира шарлатанските практики, што може да ја поткопа довербата во медицинските власти и да ги охрабри луѓето да бараат ризични алтернативни третмани наместо научно базирани терапии. Ова е проблем со глобални импликации бидејќи американската здравствена политика често поставува стандарди кои се рефлектираат низ целиот свет.

Влијание врз глобалната јавноздравствена политика

Покрај сето горенаведено, проблемот е што САД имаат клучна улога во финансирањето и обликувањето на глобалните здравствени иницијативи, како што се Светската здравствена организација (СЗО) и програмата на Глобалниот сојуз за вакцини („GAVI“), која обезбедува вакцини за земјите во развој. Доколку луѓето со анти-ваксерски ставови или шарлатански практики ја преземат контролата врз американското здравство, постои ризик финансирањето да се пренасочи кон неефикасни иницијативи или да се намали поддршката за програмите засновани врз науката.


Ставовите на Кенеди и Оз би можеле да ги ослабат глобалните програми за вакцинација, особено во земјите кои зависат од американската помош.

Недовербата во вакцините веќе има глобални последици, вклучително и пад на колективниот имунитет и враќање на болести како што се: детската парализа, сипаниците, заушките, големата кашлица, хепатитисот и дифтеријата. Познато е дека вакцините одиграле клучна улога во удвојувањето на животниот век од почетокот на 20 век до денес. Слабеењето на довербата во нив сега може да предизвика епидемии на речиси искоренети заразни болести и да го смени овој тренд.



Спонзорирани линкови

Маркетинг