Путин: Украина ја погодивме со нова ракета, ова сега има елементи на глобален конфликт, Зеленски му одговори и упати порака до Западот

Точка

21/11/2024

22:36

2.778

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека денешниот напад врз централниот украински град Днипро бил извршен со „нова конвенционална ракета со среден дострел“.

Тој додаде дека се работи за хиперсонична балистичка ракета наречена Орешник (лешник) и дека со неа руските сили извршиле комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс на Украина.


„Во моментов не постои начин за спротивставување на ова оружје. Ракетите напаѓаат цели со брзина од 10 маха, што е 2,5-3 километри во секунда“, изјави Путин.


Путин ова го изјави за време на телевизиското обраќање во кое зборуваше за ситуацијата на бојното поле.

„Би сакал да ги информирам припадниците на руските вооружени сили, граѓаните на нашата земја, нашите пријатели ширум светот, како и оние кои сè уште имаат илузии за можноста од нанесување на стратешки пораз на Русија, за настаните кои се случуваа денес во Северниот воен округ, односно по употребата на оружје со долг дострел од западно производство на наша територија“, изјави Путин.

„Конфликтот доби елементи од глобален карактер“

Путин потенцираше дека на 19 ноември украинските вооружени сили нападнале цели во областа Брјанск со шест ракети АТАКМС, а на 21 ноември со системите „Storm Shadow“ во областа Курск. Тој изјави дека руските системи за противвоздушна одбрана го одбиле нападот и дека немало жртви или поголема материјална штета.

Рускиот претседател посочи дека „невозможно е да се користи оружје со долг дострел за напад врз Русија без експерти од земјите каде што оружјето е произведено“.



Во телевизиско обраќање, Путин исто така кажа дека ударите на западните ракети со долг дострел врз руска територија му дадоа на конфликтот во Украина карактеристики од глобален карактер.

„Од овој момент, како што повеќе пати потенциравме, конфликтот во Украина, кој претходно беше испровоциран од Западот, доби елементи од глобален карактер“, додаде Путин.

Тој исто така кажа и дека руските трупи успешно напредуваат долж целата линија на борбениот контакт.

Зеленски му одговори на Путин и му порача на Западот: „Тој ве тестира, мора силно да реагирате“

Володимир Зеленски рече дека употребата на експерименталната балистичка ракета против Украина е „уште еден доказ дека Русија нема интерес за мир“.

Украинскиот претседател тврди дека неговата земја има „целосно право“ според меѓународното право да користи оружје со долг дострел против Русија во интерес на самоодбраната.

„Светот мора да реагира“, порача Зеленски. Тој тврди дека Владимир Путин „плука во лице на оние кои искрено сакаат да се обнови мирот“ и дека тој „го тестира светот“.


„Во моментов нема силна реакција од светот. Путин е многу чувствителен на ова. Ве тестира, драги партнери. Мора да биде запрен. Недостигот од силни реакции на руските потезите испраќа порака дека таквото однесување е прифатливо. Тоа е она што го прави Путин“, вели Зеленски.

Зеленски посочува дека Путин „мора да ја почувствува цената на неговите налудничави амбиции“ и додава:

„Потребна е реакција. Потребен е притисок. Русија мора да биде принудена на вистински мир, кој може да се постигне само со сила. Во спротивно, ќе следат бескрајни руски напади, закани и дестабилизација – не само против Украина. Вреди да се бориме за вистински мир. Потребна е акција“, порача Зеленски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг