Тивок мозочен удар: Симптоми кои покажуват дека сте доживеале мозочен удар, без да го знаете тоа

Точка

21/02/2024

15:40

16.672

Големина на фонт

а а а

Согласно светската статистика, секоја 40-та секунда има ново лице со мозочен удар, а секоја четврта минута некое лице со мозочен удар завршува со фатален исход, информираше претседателката на Македонското невролошко здружение, проф. д-р Драгана Петровска-Цветковска, на настанот што се одржа во Скопје на плоштадот Македонија на 29 октомври минатата година.

Што го предизвикува, кои се симптомите, како се лекува, но и што е „тивок“ мозочен удар, кој многумина го доживуваат, а не знаат бидејќи немаат симптоми, зборувал за порталот „Krstarica“ неврологот, доцент д-р Жељко Живaновиќ, управител на „Клиниката за неврологија“ на „Клиничкиот центар“ во Војводина.


Мозочниот удар настанува како последица на оштетување на крвните садови на мозокот, поради што доставувањето на кислород и хранливи материи до тој дел од мозокот е отежнато или невозможно. Затоа повеќе не функционира, што предизвикува невролошки симптоми, односно бројни последици.

Треба да се знае дека постојат два типа на мозочен удар: исхемичен, кој се јавува поради затнување на крвните садови на дел од мозокот со тромб, и хеморагичен (крвавење во мозокот), кога церебралниот крвен сад пука и крвави во мозокот, што доведува до негово оштетување.

Многу почесто, во околу 4/5 случаи, тоа е прв тип на „шлог“, додека вториот, хеморагичен тип е клинички потежок и смртоносен. Постојат многу причини за појава на мозочен удар.

„Ризик факторите најчесто се хипертензија, т.е. висок крвен притисок, дијабетес, покачени масти во крвта, пушење, нарушување на срцевиот ритам и други срцеви заболувања, алкохол, дебелина, стеснување на крвните садови на вратот, пред сè на каротидните артерии“, говори доктор Живковиќ.


Симптоми

Лекарот, исто така, ги идентификува знаците кои го придружуваат мозочниот удар.

„Показателите дека некој доживува мозочен удар може да биде ненадејна промена во свеста, конфузија, но најчесто се случува вкочанетост, слабост или трнење на едната страна од телото. Неретко се случува пациентот да има проблеми со говорот, т.е. отежнато да говори, добива ненадејна силна главоболка, гледа дупло или го губи видот, или пак има вртоглавица и губи рамнотежа.

Третман

Често ги слушаме апелите на лекарите како пресудни се првите минути и часови по мозочниот удар, дека пациентот треба што поскоро да добие соодветна терапија бидејќи состојбата е повеќе од сериозна.

„Во акутната фаза основна терапија сè уште е интравенската тромболиза. Тоа е лек кој може да се употреби во првите четири и пол часа по појавата на симптомите, но важно е лекувањето да започне што е можно поскоро. Пациентот ќе биде подобро доколку го прими лекот во првиот час од почетокот на симптомите, отколку, на пример, во четвртиот час“, забележал докторот.


Нешто поинаков е третманот за пациенти со тежок, голем, мозочен удар.

„Кај таквите пациенти кои имаат докажан тромб кој ги затнал крвните садови, може да се примени механичка тромбектомија во главата. До затнатиот крвен сад се доаѓа преку артеријата со помош на катетер, а тромбот механички се отстранува со помош на стентови или системи за вшмукување (аспирациони). Станува збор за ендоваскуларна интервенција која ја вршат интервентни радиолози со асистенција на невролог, а најчесто анестезиолог“, објаснува д-р Жељко Живковиќ.

Tивок мозочен удар

Надвор од овие рамки, постои мозочен удар кој не е проследен со никакви симптоми, па се случува човек да го доживее, а тоа воопшто и да не го знае.

„Не треба да се занемари дека кај значителен број луѓе мозочен удар може да се случи без да се манифестираат симптоми, односно најчесто да резултира со мал инфаркт на мозокот, а заболените да немаат никакви симптоми. Причините се главно исти како и кај класичниот мозочен удар, но во овој случај најмногу внимание треба да се посвети на пациентите со хипертензија и дијабетес.“

Лекарот напомнува дека е исклучително важно овие болести да се лекуваат навремено, односно да се намалат факторите на ризик и да не се одложува лекувањето бидејќи можните компликации можат да бидат катастрофални.

„Проблемот е што симптомите на тој тивок мозочен удар не постојат, односно не се доволно силни, па пациентите не се пријавуваат на лекар, односно се пријавуваат само кога почнат да забораваат, кога околината ќе забележи дека не можат да функционираат како порано“

Од тоа може да се заклучи дека во таа ситуација се видливи само последиците.


„Со невролошки преглед можеме да откриеме минорни знаци кои укажуваат дека пациентот ги има овие мали исхемични лезии во мозокот. Најчесто, овие лезии и нивната екстензивност се потврдуваат со магнетна резонанца. Меѓутоа, во моментот кога ќе дијагностицираме вакво нешто, ниту ние, ниту пациентот, ниту неговите блиски не знаеме кога настанале овие промени, а пациентот често во тој момент веќе е дементен.“

Затоа најчесто се случува таквите пациенти да доаѓаат со симптоми на напредна деменција.

„Станува збор главно за постари луѓе и всушност за еден вид васкуларна деменција. Кај голем број пациенти, овој вид на деменција се преклопува со т.н. вистинска невродегенеративна деменција, т.е. Алцхајмерова болест. Многу е важно тоа што можеме двете овие деменции успешно да ги превенираме со рано откривање и лекување на хипертензијата и дијабетесот“, продолжил соговорникот на „Krstarica“.

Сепак, некои симптоми се можни дури и со овој тивок мозочен удар.


„Тоа се обично минимално извртување на устата, трнење на долната третина од лицето, трнење на раката, заплеткување на јазикот при зборување, но овие симптоми се минимални и обично поминуваат за неколку дена, а ниту самиот пациент не ги сфаќа сериозно ниту ги пријавува некому, ниту пак роднините успеваат да го препознаат тоа. Често дури и некои лекари, кои не се занимаваат со неврологија, не ги доживуваат сериозно“.

Лекарот напомнал и дека може да се случи овие луѓе да почнат да одат малку побавно, да ги влечат нозете, да имаат тешкотии во контролирање на мокрењето, да станат нерасположени, незаинтересирани за случувањата околу нив. Често, некои од овие симптоми се припишуваат на нормалното стареење, губење на слухот и слично.

„Понекогаш е најкарактеристично што стануваат премногу емотивни, заплакуваат на ситница, на пр. на некои банални емотивни филмски сцени во филмот, тие стануваат аргументирани, понекогаш вербално агресивни, без некоја голема причина. Овие симптоми обично не ги препознава самиот пациент, но членовите на неговото семејство се тие кои треба да ги препознаат.“

За жал, додал докторот, лекарите тогаш немаат големи можности да променат многу кај тие луѓе.


„Ние се трудиме, колку што е можно повеќе, да го забавиме понатамошното влошување и да го одржиме задоволителното функционирање кај овие пациенти. Се разбира, на прво место е важно веќе споменатите ризик фактори да се препознаат и третираат. Исто така, важно е да се одреди типот и степенот на деменција како би можело да се даде добра прогноза. „Ваквите пациенти имаат висок ризик од развој на тешка деменција, тежок мозочен удар, како и смртен исход, воопшто“, вели д-р Живковиќ.

Поради сето ова, тој предупредува колку е важно во рамките на примарната здравствена заштита да се откријат состојби кои можат да бидат причина за мозочен удар, но и адекватната терапија да биде достапна во што повеќе здравствени установи.


„Сите треба да ја сфатиме важноста на превенцијата, да работиме на подигање на свеста кај општата популација. Многумина ќе речат – имам висок крвен притисок, но ништо не ме боли, ништо не ми недостасува и затоа не сакам да пијам лекови – а тоа може да ’ве чини глава‘“.

Затоа, сите треба да се погрижиме да она навидум баналното, еден ден не стане фатално.




Спонзорирани линкови

Маркетинг