Ова е „тивката инфекција“ која предизвикува стерилитет кај мажите: Тешко е да се воочат симптомите, еве на што да обрнете внимание

Точка

07/02/2024

20:36

10.109

Големина на фонт

а а а

Кламидија е сексуално пренослива инфекција, предизвикана од релативно малата бактерија Chlamydia trachomatis.

Се нарекува и „тивка инфекција“, бидејќи често нема симптоми или се многу благи и тешко се забележуваат. Околу 25 до 50% од случаите кај мажите поминуваат целосно незабележано, поради што кламидијата е многу распространета низ целиот свет.


Симптомите на кламидија кај мажите многу е тешко да се воочат. Тие можат да се појават ретко и спорадично, поради што пациентите често веруваат дека не се резултат на инфекција.

Овие симптоми кај мажите вклучуваат:

Белузлава, заматена или водеста слуз на пенисот;

Болно, непријатно или чувство на „печење“ при мокрење;

Воспаление, осетливост и болка во и околу тестисите.

Обично се појавуваат помеѓу 1 до 3 недела од изложувањето на инфекцијата. Симптомите на машката кламидија не се ограничени само на пределот на гениталиите, тие можат да се појават и во грлото, на очите или ректумот (во зависност од начинот на кој е пренесена инфекцијата).

Може да се појават и следните симптоми:

Ректална болка, слуз или крвавење;

Конјунктивитис на очите и инфекција на грлото.


Што се случува кога мажите не ја третираат кламидијата?

Негативното влијание на кламидијата врз неплодноста е многу често потценето. Кламидијата кај мажите може да го намали квалитетот на спермата и да предизвика лузни на репродуктивниот тракт (што може да доведе до трајна неплодност).

Мажите со кламидија имаат три пати повеќе од нормалното ниво на фрагментација на ДНК во спермата (што значи дека генетскиот материјал не е доволно компактен и дека долгите нишки на ДНК станале подложни на кршење).

Микоплазмата (исто така сексуално пренослива инфекција) и кламидијата предизвикуваат недоволно производство на сперма. Заразените мажи имаат 80% повеќе физички абнормалности и 10% помала подвижност на спермата во споредба со нивните здрави врсници. Исто така, мажите со инфекција со кламидија имаат поголема веројатност да почувствуваат ревматолошки непријатности, уретритис (воспаление на уретрата) и реактивен артритис.

Кога да се тестирате?

Раното откривање и лекување на кламидија е клучно. Доколку неодамна сте имале незаштитен однос со нов партнер или со некој за кој се сомневате дека можеби е инфициран или едноставно подолг временски период се немате тестирано за сексуално преносливи инфекции, треба да го направите тоа, пишува ИВФ центарот.


Како се лекува кламидија?

Доколку тестот е позитивен, можно е лекарот да ви препише единечна доза на антибиотици (на пр. Азитромицин) или алтернатива доколку сте алергични на стандарди антибиотици. Многу е важно да ги контактирате вашите поранешни партнери и да им укажете на можноста и тие да имаат кламидија.

Превенција

За да се намали ризикот од добивање или пренесување на кламидија, многу е важно да го применувате следново:

Секогаш користете кондом за време на сексуален однос (вагинален, анален и орален однос), сите сексуални помагала што ги користите мора потребно е да ги прекриете со кондом, пред односот се препорачува вие и вашиот партнер да се тестирате за сексуално преносливи болести.

Дали е можно да се утврди присуството на кламидија со споредување на видливите симптоми со оние на достапните фотографии?

Не. Иако е можно да се користат пребарувачите на Интернет за да се пронајдат фотографии со видливите симптоми на кламидија, во повеќето случаи овие фотографии обично ги прикажуваат најтешките случаи на оваа болест или користат цртежи насочени кон превенција, односно да ги натераат луѓето да престанат со практикување незаштитен секс.


Повеќето мажи немаат никакви симптоми. Можеби ќе наидете на фотографии од некои многу угледни извори, но споредувањето на вашите симптоми со тие фотографии не е добар начин за дијагностицирање кламидија.

Поради начинот на кој се означени фотографиите на Интернет, некои од симптомите кои вие ги гледате може да бидат и симптоми на други состојби, поради што е многу тешко да се одреди дали имате кламидија или не.

Дали докторот може да утврди присуство на кламидија со испитување на видливите симптоми?

Не. Единствениот начин да дознаете дали имате кламидија е да се тестирате. По физичкиот преглед, вашиот доктор може да се сомнева на кламидија, но не може да го потврди тоа без да спроведе соодветен тест.


Дали видливите симптоми на кламидија може да се толкуваат како некоја друга болест?

Да, но во многу случаи кламидијата нема симптоми. Тие може да се појават помеѓу 1 и 3 недела откако ќе се заразите. Симптомите можат да бидат спорадични и ретки, што може да доведе до тоа поединците да не знаат дека инфекцијата предизвикува симптоми. Можеби вашите видливи симптоми се предизвикани од друга медицинска состојба.

Физичките симптоми на кламидија може да бидат исти како оние на некои други состојби како што е инфекција на уринарниот тракт. Уште еднаш, единствениот начин да се утврди дали имате кламидија е да се тестирате.

Дали слузта која излегува од пенисот значи дека имате кламидија?

Не секогаш, присуството на белузлава, заматена и водена слуз на врвот на пенисот е симптом на кламидија кај мажите. Меѓутоа, оваа слуз може да биде и знак и за некои други состојби, како што се:

Инфекција на уринарниот тракт;

Генитален херпес;

Гонореја;

Генитална микоплазма;

Уреаплазма.

Во случај на кламидија, може да се појават и други симптоми освен горенаведените, и тоа:


Болка при мокрење;

Чувство на „пецкање“ во каналите кои ја носат урината во телото (уретрата);

Болни тестиси.

Доколку покрај наведеното имате слуз, таа може да биде водеста, заматена, бела, жолта или слична на гној.