Се препознаваат ли животните во огледало? Еве што велат истражувањата

Точка

27/11/2023

18:28

16.311

Големина на фонт

а а а

Иако сме единствен вид кој секој ден го гледа својот одраз во огледалото, не сме единствените кои се препознаваат во рефлектирачките површини.

Научниците неколку пати тестирале кои видови го препознаваат својот одраз, почнувајќи од истражувањето на шимпанзата објавено во 1970-та година. Истражувани се знаците на самосвест пред огледало кај разни животни. Неколку сфаќаат дека гледаат во себе, многу од нив не. Други пак покажале чудно однесување, пишува „Live Science“.

Овие мешани резултати ги навеле научниците на расправа за корисноста од тестовите и како тие им помагаат на научниците во разбирањето на когнитивните способности на животните.

„Многу животни не проаѓаат на тестот“, рекол Франс Де Вал, научник од Универзитетот Емори. Де Вал направил тестови за самосвест на капучин мајмуните – кои не успеале: „Мораат сами да го прегледаат визуелниот знак пред огледалото, без никаква обука или награда. Тоа мора да биде спонтано. Повеќето тврдења во литературата не одговараат на овој опис“.


Кои животни го минале тестот?

Во тестовите со шимпанза во 1970-та година, четири мајмуни биле под анестезија и на лицата им била намачкана црвена боја. Кога се разбудиле, го прегледале подрачјето кое било означено во огледалото, покажувајќи дека сфатиле дека се гледаат самите себе.

Тестот со огледалото сега се смета за најуверлив доказ за рефлектирачката самосвест. Други големи мајмуни исто така го минале тестот. Орангутаните се препознале, па дури и идентификувале траги на своето тело во истражување од 1973-та година.

Во истражување од 1994-та година бонобо мајмуните прегледувале делови од своето тело кои инаку не би можеле да се видат со помош на огледало. Резултатите за горилите сепак не биле најуверливи. Мајмуните обично гледаат на своите одрази како на друго животно – иако низа контроверзни истражувања покажале дека некои видови можат да се идентификуваат по поголеми режими на тренинг.


Контроверзни истражувања

Тоа важи и за другите животни, фрлајќи сомнеж на импликациите на тие истражувања. „Го поништува ли тренингот резултатите во тестот со огледалото за видовите кои тоа го бараат“, се прашува Елен О’Донахју, психолог од Универзитетот Кардиф во Обединетото Кралство. Критичарите на тестовите кои користат тренинг сугерираат дека така научено однесување не е веродостоен доказ за самосвеста на животните.

Единствен друг копнен цицач кој убедливо го минал тестот бил азискиот слон во Зоолошката градина во Бронкс. Истражувањето со делфините сугерира дека тие можат да ги распознаат сопствените одрази. Истражување од 1995-та година, кое користело видео наместо огледало, и истражување од 2001-ва година кое користело огледало, укажале на тоа дека делфините ги користат своите сили за истражување на своите тела.

Во 2008-ма година научниците кои ги проучувале евроазиските страчки пронашле први докази дека не-цицачите се способни да се самопрепознаат во огледало. Гулабите исто така го минале тестот. Во 2022-ра година дивите Аделиски пингвини исто така покажале знаци на самосвест, иако не реагирале на шарените марами кои им биле ставени околу вратот.


Истражување од 2015-та година сугерира дека мравките би можеле да имаат одредена самосвест бидејќи се обидуваат да ја отстранат сината боја од своите глави во своите одрази. Две истражувања тврдат дека рибите можат самите да се препознаат. Едно, од 2016-та година, открило дека мантите изгледаат како самите себе да се истражуваат и дуваат балончиња кога ќе им се покаже огледало. Експеримент од 2019-та година на вид на риби (Labroides dimidiatus) открил дека се обиделе да ги отстранат трагите од боја од долната страна откако се виделе во огледало.

Фактот дека овие наводно попримитивни организми го минуваат тестот со огледалото, додека некои од најинтелигентните животни, вклучувајќи ги и африканските сиви папагали го паднале, ја доведува во прашање неговата корисност. Не е јасно дали тие истражувања предизвикуваат чувство во животните како кај луѓето, или едноставно укажуваат на софистицирана телесна самосвест.

„Тестот со огледалото може да покаже еден аспект на самосвест“, рекла О’Донахју за „Live Science“. „Постои тенденција на таа самосвест да се гледа како на се или ништо. Тоа веројатно не е точно. Веројатно тоа е градација“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг