Приказна за жените на кои мајчинството им е најголемо остварување, но за тоа воопшто не им требаат мажи

Точка

22/05/2023

15:06

6.501

Големина на фонт

а а а

Иако денешното општество е полно со силни, еманципирани, образовани и вработени жени, сè уште се чувствува родовата нееднаквост.

Добропознатите стереотипи, нееднаквите шанси, разликите во платите, насилството над жените, водечките позиции на кои цврсто стојат мажи се само некои од примерите кои нѝ покажуваат дека сè уште живееме во машки свет.

Замислете општество без татковци, мажи, браќа и конвенционални односи. Општество во кое не постои брак, ниту насилство, во кое е сосема незамисливо маж да „крене рака“ на жена. Во тоа општество, бабата седи на чело на масата, а љубовта никако не може да се институционализира.


Звучи како некоја дистопија (некои можеби ќе кажат и утопија), но ова не е приказна од некој филм туку вистинска приказна за животот на прогресивната феминистичка заедница Мосуо, една од ретките анакронистички матријархати во која жените го имаат главниот збор. И многу повеќе од тоа...

„Кралство на жените“

Малата етничка заедница Мосуо се сместила во Кина, близу границата со Тибет и тој крај е познат како „кралство на жените“. Модерниот свет би се запрашал колку сме навистина либерални по краткиот увид во животите на оваа посебна заедница.

Жените тука можат да имаат колку сакаат партнери и да го започнат и прекинат односот кога ќе посакаат, во зависност од интензитетот на својата среќа и задоволство во моментот. Жените не само што се еднакви, туку и се супериорни, а мажите се многу горди на нив.


Татковците на децата живеат во свое посебно село. Тие се трудат да им обезбедат сè што треба, а со своите жени практикуваат т.н. „одечки бракови“. Ова е елегантен израз за тајни, ноќни врски кои понекогаш можат да бидат еднократни, а ретко можат да се претворат во животни партнерства.

Сè е онака како што жената сака, но секогаш постои почит

„Машкиот шешир закачен на кваката на женските одаи е знак за другите мажи да не влегуваат. Некои жени се вљубуваат, но тоа е реткост, повеќето мажи ги гледаат само како донори на сперма“, изјавила за „The Guardian“ Чу Ваихонг, адвокатка која поминала некое време со овие жени.

Вообичаено е дури жената да не знае кој е татко на нејзиното дете - но тука нема никаква стигма. Во животот на детето најважна машка фигура е вујкото, а не таткото.


Жените ги поседуваат и наследуваат имотите, се грижат за домаќинството, готват, чистат, ги одгледуваат децата и ги носат сите важни животни одлуки, а последниот збор го има бабата. Мажите се земјоделци и се задолжени за сите физички работи.

Мајчинството е сепак најголемото остварување на Мосуо жените. Единствената осуда со која се соочуваат овие посебни жени е одбивање на мајчинството. Тоа е нешто што бабата тешко го прифаќа, освен ако не постои здравствена причина.


Семејните принципи на Мосуо се под лупа на јавноста, особено на детските правобранители кои поттикнуваат класичен однос меѓу мајката и таткото - повеќе сличен на семејството што го знаеме денес. Тоа се притисоци, се жали овој народ, кои може негативно да се одразат на традицијата што ја негуваат со години.



Спонзорирани линкови

Маркетинг