Поранешен вработен во „Амазон“ откри едно од омилените прашања што Џеф Безос им ги поставувал на кандидатите за време на интервјуата за работа, одговорот што го сакал и одговорите што речиси сигурно би значеле отфрлање.
Иако Безос лично не ги водел сите интервјуа за работа, познато е дека учествувал во некои и дека имал неколку омилени прашања што сакал да им ги поставува на кандидатите. Едно од нив беше загатка што кандидатот морал да ја реши.
Поранешната асистентка на Безос изјави дека во текот на интервјуто за работа, тој ја прашал колку стаклени панели според нејзина процена, има во цел Сиетл.
Како гласело прашањето?
Ден Роуз, кој работел во Амазон од 1999 до 2006 година, сподели уште едно од омилените прашања на Безос. Пред неколку години на „Х“ тој откри дека милијардерот честопати ги прашувал кандидатите дали се сметаат себеси за „среќни луѓе“. Неговата објава сега повторно се прошири на социјалните мрежи.
Потоа тој сподели примери за одговори што Безос ги сметал за точни и оние што би биле погрешни.
Точни одговори
„Ако сте успешен, оптимистичен и скромен лидер, точниот одговор започнува вака: „Да, јас сум најсреќната личност на светот. Работев напорно за да стигнам до оваа точка во мојата кариера, но многу работи мораа да тргнат како што треба и знаев како целосно да ја искористам мојата среќа“, советувал Роуз.
Оптимистичните луѓе наводно се „добар показател за лидерски потенцијал“.
Тој исто така нагласил дека скромноста е важна, додавајќи дека „не е тешко да се препознае лажната скромност („скромно фалење“) преку дополнителни прашања“.
„Ова не е единственото прашање – тоа служи како почеток за разговор и отвора врата за откривање на нечија личност надвор од едно суво резиме“, додал Роуз.
Погрешни одговори
Првиот пример за погрешен одговор што го даде Роуз беше: „Не, никогаш не сум се чувствувал среќно, но успеав да ги надминам сите лоши работи што постојано ми се случуваат.“
„Не, никогаш не ми требала среќата затоа што сум подобар/попаметен/посилен од сите други“, беше неговиот втор пример.
Инаку Џеф Безос е американски инвеститор и инженер. Тој е основач на „Амазон“, каде што во минатото беше извршен директор. Неговото богатство се проценува на 196 милијарди долари и според листата на богати на „Форбс“, тој е трет најбогат човек во светот.