Мистеријата за исчезнувањето на синот на Рокфелер: Многумина мислат дека го изеле канибали, а една фотографија открива нови детали

Точка

19/11/2019

14:00

13.302

Големина на фонт

а а а

Мајкл Рокфелер, синот на Нелсон Рокфелер, гувернер на Њујорк и правнук на Џон Д. Рокфелер, првиот доларски милијардер во историјата, имал само 23 години кога на денешен ден 19-ти ноември 1961-ва година исчезнал на брегот на Нова Гвинеја.

Тргнал на антрополошка експедиција во текот на која сакал да ги истражи локалните племиња, но од тоа патување никогаш не се вратил. Неговото семејство организирало голема потрага, но никогаш не бил пронајден, ни жив ни мртов. Неговото исчезнување е мистерија до денес. 

Сепак, постојат бројни теории за неговата судбина. Во 2014-та година новинар на National Geographic по посетата на островот напишал дека го убиле припадници на локалното племе на страшен начин, но за тоа нема докази.

Иако можел лесно да живее како најмлад син на гувернерот Нелсон Рокфелер и да го наследи семејниот бизнис, Мајкл сакал нешто друго. Се вклучил во работата на Музејот за примитивна уметност кој го основал неговиот татко, а потоа одлучил да направи нешто посебно.

"Кажа дека сака да направи нешто што никој досега го нема направено и да донесе огромна колекција во Њујорк", рекол колегата Карл Хејдер.

И пред тоа многу патувал, по неколку месеци живеел во Јапонија и Венецуела, но сакал да најде нешто навистина посебно. Се упатил на брегот на Нова Гвинеја, за да собере уметнички дела од народот Асмати.

Асмати имале многу слаб контакт со надворешниот свет и верувале дека подрачјата надвор од нивниот остров се населени со духови, а за белците верувале дека поседуваат натприродни моќи. Мајкл се упатил во селото Отсјанеп, каде живеел поголем дел од овој народ. Му дозволиле да ги фотографира, но не сакале да му ги продадат своите дела, што него само повеќе го поттикнало да ја донесе нивната култура на западот. Додека престојувал со племето, научил дека нивните воини имаат обичај да ги земаат главите на своите непријатели, како и да го јадат нивното месо.

Кратко по враќањето, повторно тргнал да ги истражува племињата, а тогаш со себе го земал и антропологт Рене Васинг. Кога на 19-ти ноември 1969-та година чамците почнале да се доближуваат до островот, ги затекнало олујно невреме. Иако од брегот биле оддалечени 20-тина километри, Мајкл се одлучил да си ја тестира среќата.

"Мислам дека ќе успеам", рекол тој и скокнал во водата и почнал да плива, по што повеќе никогаш не бил виден.

Неговото богато и влијателно семејство не штедело пари при обидите да го пронајде синот. По него се трагало со бродови, авиони и хеликоптери, а дури и неговите родители отпатувале на островот. По девет дена залудна потрага, холандската влада прогласила дека нема надеж дека ќе го пронајде жив.

Две недели подоцна бил прогласен за мртов, а како причина за смртта е наведено давење. Неговата мистериозна смрт со денови ги полнела весниците, а почнале и претпоставки за неговиот трагичен крај. Некои сметале дека го нападнале ајкули, други дека побегнал и дека живее сокриен во Нова Гвиенија, но изгледа дека неговата судбина била уште полоша.

Во 2014-та година новинарот Карл Хофман во статија за National Geographic открил дека холандската истрага пронашла докази дека го убиле припадници на племето Асмати. Двајца холандски мисионери кои со години живееле на островот и го зборувале нивниот јазик, им пријавиле на локалните власти дека слушнале од припадници на племето дека Мајкл е убиен. Кратко потоа на островот била пратена полиција, а инспекторот се вратил со истиот заклучок и череп кој наводно му припаѓал на Мајкл.

Холандските власти тие наводи ги прикриле, бидејќи дотогаш веќе изгубиле половина од островот, кој тогаш и припаѓал на новонастанатата Индонезија, па се плашеле дека тоа би можело да се случи и со остатокот од островот ако се прочуе дека не можат да ги контролираат локалните племиња.

Новинарот Карл Хофман и сам отпатувал на островот, а таму наводно сите знаеле дека племето Асмати го убило американскиот турист, но криеле од страв од одмазда. Неколку години пред посетата на Мајкл, група Холанѓани се обидела да ги разоружи припадниците на племето, но тоа завршило со судир и четири членови на племето биле убиени. Нивните потомци наводно во знак на одмазда го убиле несреќниот Мајкл, кој случајно допливал баш до нив.

Според неговите наводи, му ја пресекле главата, му го изеле мозокот, а остатокот од телото го зготвиле и изеле. Наводно се капеле и во неговата крв, додека од неговите коски направиле оружје. Во склад со нивните верувања, така воспоставиле рамнотежа и ги одмаздиле своите мртви.

Меѓутоа, кога во јавноста се појавила една чудна слика, наводно настаната 8 години по неговото исчезнување, повторно се појавиле нови теории за судбината на Рокфелер.

Имено, на фотографијата е прикажан бел маж во друштво на племето. Бил гол, имал подолга брада и исти обележја како и останатите членови на племето. Поради тоа се претпоставило дека Рокфелер можеби и се приклучил на канибалите и останал да живее со нив.



Спонзорирани линкови

Маркетинг