Огромното мнозинство посетители на концентрациониот логор Аушвиц не чувствуваат ништо освен чист ужас поради нацистичкиот логор на смртта, во кој повеќе од милион луѓе биле систематски мачени и убиени. Меѓутоа една британска туристка, имала сосема други проблеми: посетата била прескапа, а услугата била премногу лоша.
Како што пренесе британскиот весник „Тајмс“, жена по име Лин на ТикТок објавила видео на кое седи со својата ќерка во мало кафуле во близина на центарот за посетители на логорот.
Меѓутоа, Лин не сакала да зборува за злосторствата што ги документира ова место, ниту за страдањата на луѓето и жртвите. Нејзе, всушност, ѝ пречело само тоа што пијалаците биле прескапи.

„Смути од јагода беше многу разредено“
Во краткото видео, таа видно вознемирена раскажала дека всушност сакале да се напијат кафе, но немало кафе без кофеин, туку само кравјо млеко. Затоа Лин нарачала смути од јагода, за кое навела дека било „многу разредено“, додека нејзината ќерка земала лимонада …
„Која има вкус како средство за чистење тоалети. Во секој случај, за тоа плативме девет фунти, за двата пијалаци. Само за две мали шишиња – девет фунти. Прилично скапо“, навела Лин.

Девет фунти се околу 10,47 евра. Затоа, таксито од железничката станица ѝ изгледало како вистинска поволна понуда.
Потоа Лин почнала да им дава совети на сите кои планираат да го посетат овој споменик на Холокаустот.
„Значи, ако доаѓате во Аушвиц, понесете со себе нешто за јадење и пиење“, рекла Лин за местото каде што нацистите систематски ги изгладнувале затворениците. Страшната смрт од глад била една од најчестите причини за смрт во Аушвиц.
Видеото на ТикТок прегледано повеќе од четири милиони пати
Во меѓувреме, видеото било прегледано 4,2 милиони пати но и избришано, а гледачите не штеделе на иронични коментари. Еден од нив иронично напишал: „Никој не знае подобро што значи страдање од овие две дами“. Други биле многу подиректни: „Ова не е Дизниленд, глупачко!“, додека друга корисничка додала: „Дали ова е навистина единственото нешто по кое ќе ја паметите оваа посета?“.
Портпаролот на музејот Аушвиц-Биркенау за „Тајмс“ изјавил дека кафулето го води надворешен оператор, како и дека цените се јасно истакнати.

„За нас останува клучен фактот дека луѓето го посетуваат Меморијалот Аушвиц за да дознаат нешто за историјата на германскиот нацистички концентрационен и логор на смртта, да се соочат со судбината на неговите жртви и да им оддадат почит“, рекол портпаролот.










