Не престанува да расте: Планината од ѓубре која труе милиони луѓе секоја година расте за 10 метри

Точка

22/09/2026

08:44

424

Големина на фонт

а а а

За жал, и покрај бројните ветувања на локалните власти дека ќе ја намалат штетата што ја предизвикува Газипур, досега никој не успеал да го запре неговото ширење …

Кога ќе ја погледнете планината од ѓубре во Делхи, проблемите со домашните депонии одеднаш изгледаат малку помали. Имено, индиската депонија Газипур зафаќа површина поголема од 50 фудбалски игралишта, а со висина од околу 70 метри приближно ја достигнува висината на Таџ Махал.

Отворена во 1984 година на периферијата на Газипур, во источниот дел на Делхи, депонијата го достигнала својот максимален капацитет уште во 2002 година, но оттогаш прераснала во рид висок дури 72 метри. Веќе е една од најголемите депонии за отпад во светот, но и понатаму секојдневно прима стотици тони ѓубре од Делхи.


Токсичен чад

Газипур претставува голема опасност за милиони луѓе кои живеат во Делхи. Смрдеата што се шири од депонијата е речиси неподнослива, особено во летниот период, а пожарите што редовно избувнуваат таму ја обвиткуваат околината со густ, токсичен чад. Стрмните падини од ѓубре неретко се уриваат, затрупувајќи луѓе со тони отпад.

„Гледам како расте. Сите влади ветуваат дека ќе го решат тој проблем, но не преземаат ништо“, изјави за „Sky News“ 71-годишниот Ибрахим Кан и додаде:

„Сите што живеат во близина се разболуваат, тешко е да се дише. Јас сум срцев болен и имам проблеми со дишењето.“


Во септември 2017 година, повеќе од 50 милиони тони отпад се урнале кога попуштил дел од планината од ѓубре, затрупувајќи десетици луѓе и возила. Во април 2024 година избувнал голем пожар кој создал густ чад и предизвикал сериозни здравствени проблеми и тешкотии со дишењето во околните населби.

Издигнувајќи се над Делхи, депонијата од далечина изгледа како природен рид, но како што ѝ се приближувате, самиот мирис го открива нејзиното вистинско потекло – отпад создаден од човекот.


Овој Еверест од ѓубре може да делува импресивно поради својата големина, но проблемите што ги предизвикува за животната средина и локалното население се огромни.

За жал, и покрај бројните ветувања на локалните власти дека ќе ја намалат штетата што ја предизвикува Газипур, досега никој не успеал да го запре неговото ширење. Ридот од ѓубре секоја година во просек расте за десет метри. Делхи секојдневно произведува повеќе од 11 илјади тони отпад, а голем дел од него завршува токму таму, претворајќи го Газипур во сè поголема опасност. И покрај тоа што стариот отпад се отстранува, нов и понатаму постојано пристигнува …