Точка е на официјалната светска промоција на новите Huawei P20 и Huawei P20 Pro во Париз, кои според сите можности што ги имаат, ќе бидат голем трн во очите на главните конкуренти, а особено на Samsung и Apple. Бидете спремни да се запознаете со едни од најмоќните смартфони на планетава.
Носител на новата “P” генерација на Huawei ќе биде P20 Pro, првиот смартфон во светот со три камери. И ако помисливте дека трите камери се ставени само колку производителот да може да се пофали дека има повеќе камери од директните противници како Galaxy S9+ и iPhone X, тие камери се тука за драматично да го подобрат квалитетот на фотографиите, на ниво кое не го постигнал ниту еден друг производител досега.
Имено, ова е единствениот модел во класата со главна камера од 40 мегапиксели (со најголем сензор во класата 1/1.7) која овозможува исклучително високо ниво на детали, досега невидено кај ниту еден смартфон. За уште подобра острина, неа и помага втората камера од 20 мегапиксели со црно-бел сензор. Поточно, телефонот ги комбинира сликитеод овие две камери за помалку шум и поголема острина.
Третата камера има сензор од 8 мегапиксели и 3x оптички зум. Заедно со неа и другите два сензори, како и чипот со вештачка интелигенција на Huawei, корисниците ќе добијат своевиден 5Х оптички зум, односно при зумирање нема да се губи на квалитетот на фотографијата. Во превод, со овој телефон за прв пат ќе можете да фатите подалечни објекти, а фотографијата ќе остане остра и чиста. Очекувано, сите три камери се опремени со супер остра Leica оптика со f/1.6 бленда, која е една од најдобрите во бизнисот.
Воедно, новата камера има можност за снимање на супер забавено видео (покрај стандардното 4K со 60 слики во секунда), исто како и Galaxy S9+, со дури 960 слики во секунда во HD резолуција. Нетрпеливо чекаме да го истестираме ова, како и сите други можности на оваа тројна камера и најважно, да видиме како се носи со останатите модели во високата класа.
Настрана импресивната камера, P20 Pro и неговиот помал брат P20, предизвика реакции за дизајнот, односно за засекот на дисплејот во горниот дел. Многумина ќе кажат дека со ова Huawei го копира iPhone X и донекаде би се сложиле со тоа, но Apple и не беше првиот со ваков засек на дисплејот, туку тоа беше Essential Phone. Многу поважно, во тој засек се крие предна камера со импресивни 24 мегапиксели, нешто со кое не може да се пофали ниту еден друг телефон.
Она што е поважно е што тој засек овозможува телефонот да биде прилично компактен (бидејќи останатата рамка околу него е многу мала) и покрај 6,1 инчниот дисплеј со резолуција од 2240х1080 пиксели, што би значело уште поиздолжен дисплеј од 18,7:9 во однос на другите смартфони од високата класа. Дисплејот е инаку OLED и од првите импресии се дека е остар, со длабоки бои и висок контраст, како што доликува на еден смартфон од оваа класа.
Како и Mate 10 Pro, кој Huawei го претстави минатата есен, P20 Pro ќе има Kirin 970 процесор со 8 јадра, кој е еден од најмоќните на пазарот, помогнат од 6 GB и дополнителен процесор за вештачка интелигенција, кој всушност и овозможува да работи импресивната камера за која зборувавме погоре. Батеријата пак има импресивен капацитет од 4.000 mAh и поддршка за SuperCharge брзото полнење на Huawei, кое е најбрзо на пазарот, а во телефонот има простор од 128 GB.
Покрај P20 Pro, кој ќе биде носител на понудата, Huawei го претстави и P20. Овој модел ќе има помал 5,8 инчен LCD дисплеј со ист сооднос и резолуција (2240х1080 пиксели), истиот процесор но со 4 GB рам меморија, додека камерите ќе бидат позајмени од Mate 10 Pro - една со 12 мегапиксели колор и една со 20 мегапиксели црно-бел сензор, и двата со Leica оптика. Воедно, овој модел не е отпорен на вода и прашина, додека P20 Pro има IP67 сертификат, а неговата батерија има „само“ 3.340 mAh.
Pro моделот ќе се понуди и во нова Twilight боја, покрај црната и сината, која е всушност „камелеон“ боја, која го менува ликот зависно од тоа од каде го гледате телефонот. Помалиот P20 пак ќе се нуди во црна, сина и розева боја. И двата модели ќе имаат Android Oreo оперативен систем, со EMUI 8.0 скин на Huawei.
Цените на двата модели во Европа ќе бидат околу 650 евра за P20, односно 900 евра за P20 Pro. Се сложувам дека ова изгледа скапо за смартфон на Huawei, но со оглед на тоа што имаат да го понудат овие два модели, особено во делот на квалитетот на камерата, цената се чини и исплатлива.