Наградата за германски автомобил на годината (GCOTY) ја освои електричниот „Германец“ – „Volkswagen ID. Polo“.
Електричниот наследник на многу саканиот „Polo“ најпрво ја освои наградата во буџетскиот сегмент, односно во класата автомобили поевтини од 25.000 евра, а потоа ја однесе и конечната победа.
Без да навлегуваме во тоа дали при доделувањето на наградата имало малку пристрасност бидејќи станува збор за германска марка, ќе кажеме само дека во жирито имало 47 германски и меѓународни автомобилски новинари, како и дека „ID. Polo“ во завршната битка ги победи моделите „Kia PV5“, „Mercedes-Benz GLC“, „Xpeng X9“ и „Hyundai Ioniq 6 N“.

Томас Шефер, претседател на Управниот одбор на „Volkswagen“, изјави дека „ID. Polo“ ја носи електричната мобилност „таму каде што и треба да има најголем ефект – во секојдневниот живот на луѓето“.
За самата награда се огласи и главниот дизајнер на „Volkswagen“, Андреас Минт, кој на „Instagram“ за „ID. Polo“ напиша дека „сакале да создадат вистински ’Volkswagen‘, со јасен дизајн, препознатливост и карактер“.

Што се однесува до останатите победници по категории, листата изгледа вака:
• Компактна класа (25.000 – 40.000 евра) – „Kia PV5“
• Премиум-класа (40.000 – 70.000 евра) – „Mercedes-Benz GLC“
• Луксузна класа (над 70.000 евра) – „Xpeng X9“
Посебни категории
• Сооднос меѓу цената и квалитетот – „Geely E2“
• Најдобар надворешен дизајн – „Renault Twingo“
• Најдобар ентериер – „BMW iX3“
• Најдобар погонски склоп – „Porsche 911 Turbo S“
• Семеен автомобил – „Škoda Peaq“
Наградата за истакната личност во индустријата за 2027 година ја освои Клаус Целмер, првиот човек на компанијата „Škoda“.













