Ја освоил најпрестижната француска книжевна награда, а потоа признал: „Користев Чет џи-пи-ти. Сакав да …“

Точка

05/11/2026

11:01

572

Големина на фонт

а а а

Францускиот писател Филип Женада, кој годинава ја освоил престижната Гонкурова награда, предизвикал полемики во книжевните кругови откако признал дека при пишувањето на наградениот роман користел вештачка интелигенција.

За своето искуство зборувал во радио-интервју, само еден ден откако бил прогласен за добитник на најпрестижната француска книжевна награда.

Женада открил дека во три наврати се обратил до вештачката интелигенција за време на работата на романот „L’Inconnue du quai de Javel“ („Непознатата жена од пристаништето Жавел“), во кој истражува нерасветлено убиство на млада жена во Париз кон крајот на 1940-тите години, пишува „Јуроњуз“.

Една од причините поради кои го користел „Чет џи-пи-ти“, како што објаснил, била своевидна игра со читателите. Во романот намерно вметнал една реченица генерирана од вештачка интелигенција, а за нејзиното постоење им открил само на членовите на жирито на наградата „Гонкур“. Притоа се пошегувал дека, доколку таа информација протече во јавноста, ќе знае кој ја открил.


Вештачката интелигенција ја користел и за да се пошегува на сметка на нејзините одговори, кои, според неговите зборови, понекогаш се целосно бесмислени кога станува збор за одредени технички податоци.

Но, 62-годишниот писател, познат по романите инспирирани од нерасветлени криминалистички случаи, технологијата ја користел и за истражување и проверка на технички информации.

„Сметам дека не можеме да ја отфрлиме вештачката интелигенција ниту да се однесуваме како таа да не постои. Мораме да ја користиме, да го признаеме нејзиното постоење и да научиме како да управуваме со неа, наместо да ѝ дозволиме да нè замени. Таа треба да нѝ биде од корист“, порачал Женада.


Читателите поделени, дел од нив разочарани

Неговото признание брзо се проширило на социјалните мрежи и предизвикало поделени реакции. Додека едни сметаат дека вештачката интелигенција во книжевноста ќе стане неизбежна, исто како денешните алатки за проверка на правописот, други не го кријат своето разочарување.

„Сакам да читам автори кои вложуваат труд и време во создавањето, користејќи ги сопственото срце, чувства и интелект“, порачал еден корисник на социјалната мрежа Икс.


Друг корисник се запрашал дали тоа значи дека во актуелната книжевна сезона веќе никој не знае самостојно да пишува, додавајќи дека не му е јасно каква врска има поигрувањето со читателите со користењето вештачка интелигенција во романот.

Женада ја наследи наградата од Лоран Мовиние, добитникот на Гонкуровата награда за 2025 година. Неговиот нов роман се надоврзува на книжевниот опус во кој се занимава со вистински злосторства и нерасветлени случаи, а поширока читателска публика стекна со делата „Sulak“ од 2013, „La Petite Femelle“ од 2015 и „La Serpe“ од 2017 година.

Нов случај по контроверзијата околу друг писател

Признанието на Женада доаѓа само неколку недели откако избувна скандал околу писателот Телисон Орелиен, кој исто така признал дека користел вештачка интелигенција при пишувањето на дел од романот „C’était ça ou mourir“.

Неговото дело претходно важело за еден од фаворитите, но било отстрането од потесниот список на кандидати за Гонкуровата награда, а изостанал и од конкуренцијата за другите книжевни награди. Освен сомнежите за користење вештачка интелигенција, писателот се соочил и со обвинувања за плагијат.


Неговиот канадски издавач „Éditions du Boréal“, со седиште во Монтреал, официјално ја прекинал соработката со него и објавил дека романот повеќе нема да биде реиздаван.