Во програмскиот код на новата верзија на апликацијата „YouTube“ за оперативниот систем „Android“ се откриени траги од таен експериментален проект наречен „Tamba“, кој најголемата светска платформа за видеосодржини ја претвора во целосна социјална мрежа налик на „Instagram“, пренесува порталот „Android Authority“.
Анализата на инсталациските датотеки на верзијата 21.44.534 откри оригинално графичко лого во облик на брановидна линија со симбол за репродукција, како и цел пакет уникатни икони во стил на рачно цртање. Долната лента за навигација содржи кратенки за почетниот екран, пребарување, создавање содржини, камерата, сандачето со пораки, налепниците и микрофонот за гласовни пораки, додека во заднинскиот код се споменуваат и посебни ознаки за круна, катанец и контролер за видеоигри.

Приватни профили, допишување и видеоодговори во разговорите
Системот развива можности за директна комуникација меѓу корисниците што досега не биле достапни на платформата. Корисниците ќе можат меѓусебно да се следат, да испраќаат барања за следење, да ги заклучуваат профилите и да разменуваат приватни пораки, фотографии и видеоснимки во поединечни или групни разговори.

Покрај тоа, новата платформа воведува допаѓања во облик на срце, можност за одговарање на коментари со гласовни пораки или кратки снимки, како и гледање содржини во форматот „Shorts“ директно во прозорецот за допишување.

Кодот открива постоење на посебен програмски пакет што содржи ознаки за поддршка на оперативните системи „Android“ и „iOS“. Иако ознаката за експерименталното опкружување укажува дека компанијата моментално ги тестира новитетите во ограничен круг инженери пред какво било масовно лансирање, воведувањето вакви алатки потврдува дека „YouTube“ сака да ги задржи корисниците во сопствениот екосистем и директно да им парира на конкурентските социјални мрежи.













