Северна Кореја негираше дека стои зад најголемата кражба во историјата, откако од криптоберзата „Binance“ беа украдени 6,3 милијарди долари.
Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, ги обвини САД за „сериозна политичка провокација“ поради ширењето, како што наведе, „апсурдни тврдења“ со кои Пјонгјанг го поврзуваат со хакерскиот напад.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ), заедно со експерти за сајбербезбедност, соопшти дека Северна Кореја стои зад нападот, додека најголемата светска берза за криптовалути се обидува да ги врати украдените пари.
North Korea denies being behind record $6.3bn Binance hack https://t.co/fsXal0MVDo
— BBC News (World) (@BBCWorld) November 3, 2026
„Ова не е првпат САД да се обидуваат да шират погрешна слика за ДНР Кореја во меѓународната заедница, слепо поврзувајќи ја нашата земја со инциденти на ’сајберкриминал‘ секогаш кога тие се случуваат на меѓународно ниво“, изјави Ким Јо Џонг, пренесоа севернокорејските државни медиуми.
Нејзините изјави следуваа по хакерскиот напад, а сето тоа се случува помалку од две недели пред американскиот претседател Доналд Трамп и Ким Џонг Ун потенцијално да се најдат во иста просторија за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Кина.

Како еден од најизолираните и најстрого санкционирани режими во светот, Северна Кореја се потпира на нелегални мрежи за да дојде до странска валута и да ја финансира својата нуклеарна програма.
Хакерските напади станаа еден од најдоходовните начини за остварување приходи.
Според податоците на компанијата „Elliptic“, која се занимава со анализа на блокчејн-технологијата, режимот во текот на претходната година на овој начин остварил приходи од 7,6 милијарди долари.
Минатонеделниот напад врз „Binance“ повеќекратно ја надмина претходната најголема кражба во историјата на криптовалутите, кога од берзата „Bybit“ во 2025 година беа украдени 1,46 милијарди долари.

Сепак, тој износ и натаму е помал во споредба со најголемата забележана кражба на физички пари, кога семејството на ирачкиот диктатор Садам Хусеин во 2003 година украло една милијарда долари од Централната банка на Ирак.
ФБИ соопшти дека зад нападот врз „Binance“, како и зад кражбата од берзата „Bybit“, стои севернокорејската хакерска група „TraderTraitor“, позната и како „Lazarus Group“.
Ким Јо Џонг ги обвини САД и дека ги измислиле обвинувањата за вмешаност на Северна Кореја во нападот врз „Bybit“.
Таа наведе дека двете обвинувања претставуваат „злокобен обид за нарушување на меѓународниот углед“ на Северна Кореја.

Првичната истрага на компанијата „Binance“ покажа дека хакерите околу 20 часот во четвртокот компромитирале лаптоп на еден од инженерите, со што добиле пристап до системот на компанијата и можност да извршат неовластени трансакции за повлекување пари.
Според анализата на групата „TRM Labs“, најголемиот дел од парите биле украдени во првите 20 минути од нападот.
Компанијата „Elliptic“ го следи текот на украдените пари и утврдила дека Северна Кореја до понеделникот користела 12.000 криптопаричници на 11 различни блокчејн-мрежи за да ги испере парите.
Според процената на оваа компанија, само „занемарлив дел“ од средствата веројатно бил претворен во готовина.
Покрај големата мрежа хакери, Северна Кореја се потпира и на околу 100.000 ИТ-стручњаци кои се претставуваат како легитимни професионалци за да се инфилтрираат во западни компании.

Во текот на викендот, британскиот весник „The Telegraph“ објави истражување за оваа шема, за која се верува дека на режимот му носи дури 600 милиони фунти годишно.
Иако тој износ е значително помал од приходите што Пјонгјанг ги остварува преку хакерски напади, станува збор за стабилен извор на пари што ѝ помогнал на Северна Кореја да ги унапреди своите нуклеарни капацитети.
Јужна Кореја проценува дека севернокорејскиот нуклеарен арсенал денес би можел да брои дури 120 боеви глави.
















