Поглед кон ноќното небо што го одзема здивот: Фотографиите се толку неверојатни што авторот го обвинуваат дека користел вештачка интелигенција

Точка

05/11/2026

09:33

719

Големина на фонт

а а а

Фотографијата на која илјадници сателити исцртуваат мрежа на ноќното небо над Нов Зеланд изгледала толку нереално што астрофотографот кој ја снимил сега се брани од обвинувањата дека таа е создадена со помош на вештачка интелигенција.

За да ја направи оваа спектакуларна фотографија, која досега е прегледана милиони пати на интернет, Брендан Ларсен во септември поминал два часа фотографирајќи го ноќното небо над планината Таранаки, на Северниот Остров на Нов Зеланд.

Ларсен (51) вели дека го наместил фотоапаратот да снима во серија, со експозиции од по осум секунди и пауза од две секунди меѓу снимките.

„Го оставив апаратот да работи два часа и направив 578 фотографии … Тоа беше полесниот дел“, изјави фотографот за „The Guardian“.

Потоа следувал многу потешкиот дел. Ларсен поминал околу 40 часа преклопувајќи ги поединечните снимки во програма за обработка на фотографии. На секоја од нив се гледале приближно 25 сателити.

Голем дел од времето го посветил на внимателно отстранување на ѕвездите за сателитите да бидат што повидливи.

„Почнав да забележувам како се оформува шарата и си помислив: ’Леле, ова навистина изгледа фантастично‘. Знаев дека ако продолжам, резултатот ќе биде уште подобар и повпечатлив поради бројот на сателити“, вели фотографот.

На конечната фотографија се гледаат околу 1.400 сателити и приближно 14.000 траги, кои над планината формираат густа мрежа од вкрстени линии.

Кога во средината на октомври ја објавил фотографијата на своите профили на социјалните мрежи, таа брзо станала вирална. Му донела 15.000 нови следбеници, десетици милиони прегледи и илјадници коментари.

Некои корисници веднаш ја прогласиле фотографијата за дело на вештачката интелигенција, но Ларсен вели дека разбира зошто.


„Софтверот за генерирање слики со вештачка интелигенција станува толку добар што сè потешко е да се разликуваат генерираните слики од вистинските фотографии … особено ако не ја познавате локацијата или не сте запознаени со астрофотографијата“, вели тој.

Сепак, признава дека таквите обвинувања го „фрустрираат“. Уште повеќе го нервира, вели тој, кога луѓето ја преземаат неговата фотографија, па се обидуваат повторно да ја создадат со вештачка интелигенција, често со очигледни грешки.

Очекувајќи обвинувања и негативни реакции, Ларсен го документирал целиот творечки процес на видео. Се надева дека снимката ќе ѝ помогне на публиката и поемотивно да се поврзе со пејзажот на фотографијата.


„Маѓепсан“ од ѕвездите

Како дете, Ларсен бил „целосно маѓепсан“ од мноштвото ѕвезди што можеле да се видат од руралните делови на Нов Зеланд.

Меѓутоа, во шесте години откако го фотографира ноќното небо, забележал дека се зголемиле и светлосното загадување и бројот на сателити.

„Набљудувањето на сателитите е интересно и фасцинантно, но истовремено и вознемирувачко“, вели тој.

„На мојата страница на ’Facebook‘ има околу 10.000 коментари … Девет од десет звучат отприлика вака: ’Леле, прекрасна фотографија, но и застрашувачка, вознемирувачка и многу загрижувачка кога ќе помислите што се случува со ноќното небо‘.“

Околу Земјата во моментов кружат околу 16.000 активни сателити, заедно со десетици илјади неактивни летала, делови од ракети и остатоци од распаднат товар во вселената.


Истражувањата предупредуваат дека металните честички што се ослободуваат при активности како лансирањето ракети и повторното навлегување на сателитите во атмосферата можат да влијаат врз хемискиот состав на атмосферата и озонската обвивка. Обединетите нации предупредија дека зголемената активност во вселената носи ризици за безбедноста на Земјата, зачувувањето на темното ноќно небо и астрономијата.

Иако засега сателитите не го преплавуваат небото до таа мера што лесно би се забележале со голо око, Ларсен е загрижен за иднината на ноќното небо.

Тој се надева дека неговата фотографија ќе поттикне дискусија и размислување за тоа како сателитите можат да се користат поодговорно.

„Можеме да ја подигнеме свеста за ова прашање и така да обезбедиме поширока поддршка за заштита на ноќното небо“, заклучува фотографот.