[ФОТО] Трамп ја нарече Норвешка „септичка јама“: Норвежаните му одговорија на урнебесен начин

Точка

30/10/2026

19:45

1.272

Големина на фонт

а а а

Норвешката туристичка организација на необичен начин му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна ја нарекол Норвешка „септичка јама“ и порачал дека не сака имигранти од оваа земја бидејќи не ја добил Нобеловата награда за мир.

Наместо остри изјави, Норвежаните одлучиле да искористат хумор и да претстават некои од најубавите јавни тоалети во својата земја.

Под слоганот „Норвешка прави одлични тоалети“, туристичката организација „Visit Norway“ објавила листа на особено интересни јавни тоалети, од кои некои се познати по својата импресивна архитектура и спектакуларните погледи кон природата. Нивниот духовит одговор предизвикал бројни реакции на социјалните мрежи, а меѓу оние кои го пофалија се најдоа и Американци.


Што рекол Трамп за Норвешка?

Сè започна минатата недела, кога Трамп за време на својот говор ја коментирал имиграцијата и земјите од кои Соединетите Американски Држави би требало да примаат имигранти. Притоа рекол дека би прифатил луѓе од одредени земји, но не и од Норвешка.

Својот став го објаснил со фактот дека не ја добил Нобеловата награда за мир.

„Затоа што не ја добив Нобеловата награда... Затоа не сакам никого од Норвешка“, изјавил Трамп, кој притоа оваа скандинавска земја ја нарекол „септичка јама“.

Американскиот претседател веќе подолго време јавно ја изразува својата желба да ја добие Нобеловата награда за мир, која се доделува во Осло. Претходно, доделувањето на наградата на некој друг го опишал како неизбришлива дамка за Норвешка.

Во истиот говор, немирите во Франција ги поврзал со имиграцијата, а со изрази слични на оние со кои ја опишал Норвешка, претходно ги нарекувал и Хаити, Либија, Сомалија и Јемен.

Норвежаните одговориле со листа на најубавите тоалети

Норвешката туристичка организација одлучила навредата на Трамп да ја претвори во можност за промоција на земјата. На официјалната веб-страница на „Visit Norway“ објавиле избор на најатрактивните јавни тоалети во Норвешка, поставувајќи го прашањето: „Дали ова се најдобрите тоалети во светот?“.

На Инстаграм беилеуште подиректни.

„Слушнавме некаква врева околу ‘земја која е... тоалет’. Што да кажеме, имаме некои од најубавите и најспектакуларните тоалети во светот. Со љубов, Visit Norway“, напишаа во објавата.


Тие ги повикаа посетителите да ги посетат „кога навистина им се потребни, но и кога не им се“, алудирајќи на фактот дека многу од овие тоалети, благодарение на својот дизајн и локација, станале вистински туристички атракции.

Посебно го истакнале таканаречениот златен тоалет на островот Сења.

„Ако сте обични смртници како нас и не можете да си дозволите тоалетна школка со златен капак, златниот тоалет на островот Сења е следната најдобра опција“, порачаа од туристичката организација.

„Како Американка, ја одобрувам оваа објава“

Објавата предизвика воодушевување кај корисниците на Инстаграм, а многумина го пофалиле начинот на кој Норвежаните му одговорија на американскиот претседател.

„Ова е најдобриот одговор на вулгарноста. За жал, Доналд Трамп не разбира хумор, освен на најосновно ниво“, напишал еден корисник.

„Како Американка, ја одобрувам оваа објава. И жал ми е поради непристојниот идиот кој го изговори тоа. Тој никогаш не би можел да ја цени убавината на Норвешка“, истакнала друга корисничка.

„Ова е урнебесно и генијален маркетинг“, „Најдобриот одговор, Норвешка“ и „Како Скандинавка, можеби сум пристрасна, но вака се справува со навреди. Вашата смисла за хумор ми предизвика насмевка од уво до уво“, се само дел од коментарите.


Особено ги насмеала шегата на сметка на златниот тоалет.

„Златен тоалет! Можеби наскоро ќе се премисли“, напишал еден корисник.

„Норвешка има посебно место во моето срце“

Во коментарите се јавија и бројни туристи кои ја посетиле Норвешка и ги споделија своите искуства.

„Норвешка навистина ги има најдобрите тоалети и морам да признаам дека плаќањето за користење на еден од нив беше на мојата листа на работи што сакам да ги доживеам. Прекрасна земја и прекрасни луѓе. Ја посетив трипати и Норвешка има посебно место во моето срце. Освен тоа, ја обожавам норвешката смисла за хумор“, напишала една корисничка.

Друга корисничка споделила лична приказна за својата поврзаност со Норвешка.

„Го запознав мојот сопруг за време на одмор во Норвешка пред 43 години, а таму се венчавме пред 36 години. Човекот кој нè венчаше и неговата сопруга станаа наши најдобри пријатели. Норвешка и ние имаме посебна љубовна приказна“, напишала таа.

Таа додала дека изјавата на Трамп лично ја навредила, но дека одговорот на туристичката организација ја насмеал.


„Ви благодарам што му го дадовте најдобриот можен одговор! Ми го разубавивте денот, и следниот, и оној по него. Едноставно не можам да престанам да се смеам“, порачала таа, додавајќи дека еднаш користела јавен тоалет во Стегастеин и дека никогаш не видела тоалет со толку прекрасен поглед.

„Едвај чекам да посетам некои од вашите прекрасни тоалети! Со љубов, една Американка“, напишала уште една корисничка.

„Понекогаш е доволно малку хумор“

Вишата советничка на туристичката организација „Visit Norway“, Евгенија Егорова, за норвешката телевизија „НРК“ објаснила зошто се одлучиле токму за ваков одговор.

Како што рекла, понекогаш не е потребно многу за да се одговори на провокација – доволни се малку хумор и врвна норвешка архитектура.

Судејќи според реакциите на социјалните мрежи, нивната идеја наиде на одобрување. Така, навредата на Трамп се претвори во неочекувана можност за промоција на природните убавини на Норвешка, нејзината архитектура и, секако, јавните тоалети.