Сместен на бреговите на реката Елба, недалеку од границата со Чешка, Дрезден е главен град на сојузната покраина Саксонија и еден од најубавите градови во источна Германија. Поради раскошната архитектура и богатото културно наследство, често го нарекуваат и Фиренца на Елба.
Неговото историско јадро го красат величествената црква Фрауенкирхе, раскошниот барокен комплекс Цвингер, прочуената Семперова опера и поранешната кралска резиденција, во која денес се чуваат вредни уметнички збирки. Градот, кој за време на сојузничкото бомбардирање во февруари 1945 година бил речиси срамнет со земја, се издигнал од пепелта како феникс. Со децении се обновувал, а неговите знаменитости денес ги воодушевуваат посетителите од целиот свет, пишува „putnikofer“.
Како системот од цевки, олуци и инки се претвора во своевиден музички инструмент?
Една необична атракција ќе најдете во населбата Нојштат, позната по алтернативната уметничка сцена, галериите, кафулињата и креативните простори. Таму се наоѓа куќа која почнува да свири штом ќе заврне дожд. Нејзината сина фасада е покриена со систем од метални цевки, олуци и инки што наликуваат на труби, кои се претвораат во своевиден музички инструмент.

Додека дождовницата минува низ нив, се создаваат релаксирачки звуци што потсетуваат на музика. Оваа уникатна градба се наоѓа во Дворот на елементите (Hof der Elemente), дел од уметничкиот комплекс „Kunsthofpassage“, а позната е и како „Singing House“, односно Куќата што пее.
Во зградата некогаш живееле скулпторка и дизајнери кои ја осмислиле инсталацијата
Но, специјално обликуваните цевки и инки не служат само за одведување на водата. Нивниот распоред е осмислен така што ги насочува и засилува звуците на водата – од капењето и жуборењето до прскањето и течењето. Тоа не се мелодии во класична смисла, но благодарение на ваквата инсталација, Дрезден дефинитивно не е еден од оние градови во кои здодевните дождовни капки ќе ви го расипат денот.
Целиот систем е дело на скулпторката Анет Пол и дизајнерите Кристоф Роснер и Андре Темпел, а инспирацијата за зградата, во која некогаш и самите живееле, ја пронашле во рускиот град Санкт Петербург. Таму биле фасцинирани од големите одводни канали и цевки на фасадите на зградите, но и од начинот на кој дождовницата, минувајќи низ нив, создава интересни звуци.

Комплексот се состои од пет поврзани дворови, а секој од нив има своја тема
Спроти сината фасада се наоѓа жолт ѕид украсен со златни алуминиумски плочи, поради што целиот двор изгледа како шарена галерија на отворено. Куќата што пее е дел од комплексот „Kunsthofpassage“, создаден кон крајот на 1990-тите години со преуредување на запуштените внатрешни дворови во населбата Нојштат. Наместо обични станбени премини, жителите и уметниците создале простор во кој се испреплетуваат секојдневниот живот, архитектурата и уметноста.

Комплексот се состои од пет меѓусебно поврзани дворови, а секој од нив има своја тема. Покрај дворот на елементите, постојат и дворот на животните, дворот на светлоста, дворот на метаморфози како и дворот на бајковити суштества. Во дворот на животните ќе ве пречекаат зелена фасада како и скулптура од жирафа и мајмун, додека дворот на светлоста се поигрува со одразите на сончевите зраци.

Идеално место за запознавање на Дрезден надвор од историското јадро
Во дворот на метаморфозите фасадата ја красат големи метални елементи кои светат навечер, а посебна занимливост претставуваат 24 видови хартија: изложени на сонце, дожд, снег и ветер, тие постепено ја менуваат бојата и структурата па така ниту уметничката инсталација никогаш не изгледа исто.

„Kunsthofpassage“ и неговите галерии, мали продавници, уметнички галерии, кафулиња и ресторани денес се омиленото место за прошетка и фотографирање, особено меѓу оние кои сакаат да го запознаат Дрезден надвор од неговото историско јадро.















