Томас и Кристин Флечер од Мичиген купиле куќа на аукција за 20.000 долари, без претходно да ја разгледаат внатрешноста. Ги пречекале купишта ѓубре и шест фрижидери со храна што, според нивните зборови, две години стоела без струја. Осум месеци подоцна, запуштениот имот го претвориле во куќа за издавање.
Кога во август 2024 година решиле да учествуваат на аукција на недвижности поради неплатен данок, имале само неколку фотографии и краток опис на куќата. Знаеле дека недостига надворешната облога и дека пристапот до влезната врата е речиси непрооден. Што ги чека внатре, можеле само да претпоставуваат.
„Знаевме дека ризикуваме со купување недвижност што не сме ја разгледале, но цената беше доволно ниска за да решиме да се обидеме“, изјавила Кристин за магазинот „People“.
Куќата се наоѓа на имот од околу 8.100 квадратни метри, а аукцијата на парот му овозможила купување што не можел да си го дозволи на редовниот пазар.

Под ѓубрето ги пречекало изненадување
Дури по купувањето успеале да ја разгледаат куќата. Иако расчистувањето било обемна работа, состојбата на објектот била подобра отколку што очекувале. Според нивните зборови, инсталациите биле функционални, конструкцијата зачувана, а мувла не пронашле.
„Очекувавме многу полошо. Кога исчистивме сè, нè изненади колку куќата всушност беше во добра состојба“, раскажале тие.
За реновирањето првично планирале околу 25.000 долари, но на крајот потрошиле нешто помалку од 35.000. Заедно со купувањето, вкупната инвестиција изнесувала нешто помалку од 55.000 долари.

Работи покрај бременост, бебе и зима
Буџетот не оставал простор за ангажирање мајстори, па најголемиот дел од работите ги презел Томас, кого го нарекуваат Флеч. Кристин на почетокот на реновирањето била бремена, а во текот на работите добиле син. Како што навела, Томас работел на покривот, прозорците, ѕидовите, подовите и вратите, уредувајќи просторија по просторија.
Голем дел од реновирањето се одвивал во текот на зимата во Мичиген. По приближно четири месеци се вселиле во куќата за да ги избегнат секојдневните патувања и да поминуваат повеќе време заедно.
„Не можевме да си дозволиме да платиме некого да ни помогне, па имаше смисла сè да направиме сами. Не е секогаш лесно да ги усогласиме обврските, но градиме нешто за својата иднина“, изјавиле за „People“.

Осум месеци уредувале сè
Главните работи траеле околу осум месеци, по што следувале завршното уредување, средувањето на дворот и опремувањето. Комбинирале половен мебел и нови парчиња за да ја подготват куќата за гости. До мај 2025 година го добила името „The Comeback Cabin“, а првите гости ги примиле во август истата година.
Флечерови тврдат дека имотот денес вреди десетпати повеќе од првичната куповна цена, односно околу 200.000 долари. Магазинот ја пренесува нивната процена, без да наведе независна процена на пазарната вредност.
Куќата ја задржале за издавање, а во меѓувреме купиле уште еден имот на аукција, овој пат за 8.500 долари.
„Сè вредеше. Затоа повторно го правиме истото“, порачале тие.
















