Речиси четири децении, еден спомен од детството чекал во архивата на фабриката „Краш“ за повторно да ја раскаже својата приказна. Таму неодамна бил пронајден целосно пополнет албум со сликички „Животинско царство“ од 1987 година, а компанијата сега започнала потрага по лицето што го испратило во тоа време, за да му го врати пожолтениот дел од минатото, заедно со посебен сладок пакет-изненадување.
Албумот пристигнал на адресата на фабриката „Краш“ во периодот кога децата ширум поранешната држава со посебна возбуда собираа сликички, разменуваа дупликати и ги пополнуваа страниците за да ја освојат наградата. Некогашното дете денес е возрасен човек, а овој одамна заборавен спомен би можел неочекувано повторно да му се врати во рацете.
Единствената трага: Името на сопственикот започнува на буквата „Ш“
Задачата пред вработените во „Краш“ воопшто не е едноставна. По толку децении, зачувана е само минимална трага што би можела да помогне во откривањето на идентитетот на испраќачот.
„Денес тоа дете е возрасен човек, а ние го имаме само името што започнува на буквата Ш... Можеби таа личност сè уште се сеќава на својот албум“, порачале од компанијата, повикувајќи ги граѓаните на социјалните мрежи да ја споделат објавата и да помогнат во решавањето на оваа необична загатка.
Доколку некој од вашите членови на семејството, пријатели или познаници се сеќава дека кон крајот на осумдесеттите години пополнил и испратил албум, токму тоа сеќавање би можело да го поврзе сопственикот со неговата заборавена колекција.
Бран носталгија и сеќавања на познатите пакети со слатки
Објавата за рекордно кратко време предизвика бран носталгија на социјалните мрежи и стотици емотивни коментари од генерациите што растеа со чоколатцата со сликички од животни.
„Брат ми и јас испративме два албума, а добивме еден заеднички пакет. Леле, колку само се скаравме чиј е, па мама мораше да нè смирува“.
„Колкава радост беше кога пакетот ќе пристигнеше на домашната адреса! Оној препознатлив мирис на чоколадо кога ќе го отвориш... Внатре имаше дваесетина чоколатца „Животинско царство“, наполитанки, гумени бонбони, мастики. Чиста среќа“.

„Ги собрав сите сликички благодарение на баба ми и дедо ми, но никогаш не го испратив албумот по пошта бидејќи ми беше жал да се разделам од него. Тоа беше нашата мала енциклопедија за природата“.
Додека некои се присетиле како пакетите со слатки им носеле трошка надеж во воените години, други со тага ги споделиле приказните за албумите што останале во напуштените домови во 1991 година, за време на бегството од воените судири.
Многумина истакнале дека оваа традиција се пренесува од колено на колено, па денес нивните деца и внуци со ист жар ги лепат сликичките, надевајќи се дека ќе го пополнат целиот албум.
Потрагата по мистериозниот сопственик чие име започнува на буквата „Ш“ продолжува, а во „Краш“ веруваат дека моќта на интернетот и колективното сеќавање ќе успеат да ја затворат приказната започната во далечната 1987 година.
















