Џуџаро претстави единствен „Maserati GranTurismo“ со бакарна каросерија.
Италијанското дизајнерско студио „GFG Style“, кое во 2015 година го основаа Џорџето и Фабрицио Џуџаро по заминувањето од компанијата „Italdesign“, го претстави уникатниот модел „Peralta D“.
Автомобилот е заснован на „Maserati GranTurismo“, но наместо стандардната каросерија доби рачно обликувани бакарни панели.
Проектот го нарачал мексиканскиот бизнисмен Карлос Пералта, пријател на семејството Џуџаро. Новиот автомобил им е посветен на неговите ќерки, додека минатогодишниот модел „Peralta S“, заснован на „Maserati MC20“, бил наменет за неговите синови.

„Peralta D“ беше претставен на 24 октомври на настанот „Pastejé Automotive Invitational 2026“ и сега е дел од колекцијата на Пералта.
Цената не е објавена, но ваквите уникатни автомобили од познати дизајнери обично достигнуваат мошне високи суми, пишува Autoexpress.

Рачно обликуван бакар и необични врати
Дизајнот се заснова на остри линии и чисти површини, кои го создаваат она што Џуџаро го опишува како „геометриска хармонија“.
Предниот и задниот дел имаат ЛЕД-светла што се протегаат по целата ширина, а се истакнуваат и предната маска со шара во облик на саќе, шестоаголниот капак на резервоарот и четирите издувни цевки.
Големите стаклени површини се протегаат од предните калници до задниот дел, а нивната бакарна нијанса е усогласена со каросеријата. За пристап до кабината со распоред на седиштата 2+2, предниот дел од покривот се подига нанапред, додека четирите врати се отвораат нагоре како галебови крилја.

Внатрешноста ги комбинира дигиталните инструменти и централната конзола од „Maserati“ со дополнителен екран за совозачот, осветлено огледало и држач за шампањ меѓу задните седишта.
Навлаките во бакарно-златна боја се надополнети со кафеава кожа и контрастни шевови.

Технологија од „Maserati“ под уникатната каросерија
Каросериските панели се потпираат на конструкција од јаглеродни влакна и алуминиумска основа.
„GFG Style“ не објави технички спецификации, но познато е дека стандардниот „Maserati GranTurismo“ користи 3,0-литарски В6-мотор со два турбополначи, кој, во зависност од верзијата, развива 490 или 550 коњски сили.
Иако „GranTurismo“ постои и како целосно електричен модел, четирите издувни цевки на „Peralta D“ укажуваат дека овој примерок го придвижува бензински мотор.



















