Американските потрошувачи плаќаат повеќе за гориво од жителите на остатокот од светот поради нарушувањата во снабдувањето предизвикани од војната против Иран. Според објавената студија, причина за поскапувањето се блокадата и речиси целосното затворање на Ормускиот Теснец, пренесува „Reuters“.
Истражувањето на финската непрофитна организација Центар за истражување на енергијата и чистиот воздух („CREA“) покажува дека американските потрошувачи од почетокот на војната, на 28 февруари, во просек платиле 471 долар повеќе за гориво. За споредба, просечниот дополнителен трошок во остатокот од светот изнесувал околу 60 долари.
Од организацијата „CREA“ објаснуваат дека Американците плаќаат повеќе бидејќи се потпираат на приватни возила со помала енергетска ефикасност, поминуваат поголеми растојанија и побавно преминуваат на електрични автомобили. Организацијата, инаку, се залага за напуштање на употребата на фосилни горива.

Глобалните трошоци и најпогодените земји
Во периодот од почетокот на март до средината на октомври, светот издвоил дополнителни 468 милијарди долари за гориво. Најголемиот дел од тој износ, 160 милијарди долари, се однесува на Соединетите Американски Држави. Следуваат Кина со 54 милијарди и Канада со 17 милијарди долари.
Студијата, која ги анализирала цените и потрошувачката во 169 држави, покажала дека значително поголеми трошоци имале и потрошувачите во Канада, Австралија, Нов Зеланд и Белгија. Авторите дошле до овие пресметки споредувајќи ги цените на горивото од јануари и февруари со цените во остатокот од годината.

Ставот на американската администрација
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврди дека повисоките цени на горивото се прифатлива цена за да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Порачува и дека цените на нафтата и горивото ќе паднат по завршувањето на војната, која, меѓутоа, трае подолго отколку што првично се предвидувало.












