Нетфликс објави нова верзија на популарната хумористична серија „A Different World“ (Еден поинаков свет), чиј оригинал се емитуваше од 1987 до 1993 година.
Продолжението следи нова генерација студенти на измислениот колеџ Хилман, а во центарот на приказната е Дебора Вејн, ќерка на два добро познати лика од оригиналната серија. Новата серија веќе предизвика позитивни реакции кај гледачите, од кои некои ја изгледале целата сезона за само еден ден, пишува магазинот „Хелоу“.
Дебора Вејн (Малеа Џој Мун) е најмладата ќерка на Двејн Вејн (Кадим Хардисон) и Витли Гилберт (Џасмин Гај). Со доаѓањето на Хилман, колеџот на кој студирале и нејзините родители, таа се обидува да изгради сопствен идентитет и да излезе од нивната сенка. Притоа запознава нови пријатели и се соочува со предизвиците на студентскиот живот. Покрај Малеа Џој Мун, во серијата глумат и Алија Каи, Чибуикем Уче, Корнел Јанг IV, Џордан Арон Хол и Кенеди Рис.
Гледачите ја пофалија комбинацијата на старата и новата актерска екипа
Првите реакции на социјалните мрежи се главно позитивни, а дел од гледачите особено ја пофалија комбинацијата на оригиналната и новата актерска екипа.
„Цело попладне ја гледав серијата и беше исклучително забавна. Беше прекрасно повторно да се види старата актерска екипа, која одлично се вклопила со новите ликови. Вака се прави продолжение на серија“, напишал еден гледач.

Друг гледач коментирал: „Тукушто ја изгледав серијата ’A Different World‘. Чиста десетка“.
Слично мислење споделила и друга гледачка: „Ја изгледав целата сезона од новата серија ’A Different World‘ и беше одлична! Актерската екипа е фантастична и сите завршиле одлична работа“.
Нетфликс веќе ја потврди втората сезона, во која Дебора и нејзините колеги, по летниот распуст, ќе се вратат на втората година од студиите. Ги очекуваат нови љубови, пријателства и последици од одлуките донесени во првата година, како и прашања поврзани со сопствената иднина.

Првата сезона од серијата „A Different World“ е достапна на Нетфликс.












