Новата серија 7 на „BMW“: Повеќе технологија, поголем досег и нови стандарди на луксуз

Точка

13/10/2026

18:04

441

Големина на фонт

а а а

Серијата 7 на „BMW“ е луксузна лимузина која носи значајни промени во дизајнот, дигиталните технологии и електричниот погон.

Станува збор за најобемното унапредување на овој модел досега, со кое баварскиот производител ги воведува технологиите од новата генерација возила „Neue Klasse“ во својот луксузен сегмент.

На прв поглед, новиот модел се препознава по изменетиот преден дел, потесните дневни светла, редизајнираната препознатлива маска на „BMW“ и новите задни светлосни елементи. Посебно внимание е посветено и на можностите за персонализација, со повеќе од 500 комбинации на надворешни бои и завршни обработки.

Најголемите промени се во кабината. Новиот „BMW Panoramic iDrive“, заснован на оперативниот систем „BMW Operating System X“, носи посовремен начин на прикажување информации и управување со функциите на возилото. Првпат е достапен и посебен екран за совозачот, додека задниот патнички простор е унапреден со 8К-екранот „BMW Theatre Screen“, со звук „Dolby Atmos“ и можност за видеоконференции.

Значаен напредок носи и целосно електричниот „BMW i7“. Верзијата „i7 60 xDrive“ располага со електричен погон со моќност до 500 киловати, односно 680 коњски сили, и максимален вртежен момент од 1.015 њутн-метри. Според фабричките податоци, досегот изнесува до 727 километри според стандардот WLTP, додека полнењето на батеријата од 10 до 80 отсто трае приближно 28 минути.

Токму електричниот погон е една од клучните насоки во развојот на новата серија 7. Благодарение на батериите од шестата генерација, „BMW“ најавува поголем досег и подобри перформанси при полнењето во споредба со претходниот „i7“.

Производството на новиот модел започна во фабриката Динголфинг во Германија, а првите електрични верзии се планирани за пазарот од септември 2026 година, додека приклучните хибридни варијанти се очекуваат до крајот на годината.

Серијата 7 на „BMW“ така продолжува да ги спојува луксузот, комфорот и иновациите, со јасна порака дека иднината на луксузните лимузини сè повеќе зависи од дигиталното искуство и поефикасниот електричен погон.